Активности



Петок, 3 јули 2009 година, Комисија за труд и социјална политика

Разгледан Предлогот на закон за употреба на знаковниот јазик

Комисијата за труд и социјална политика на Дваесет и третата седница, одржана на 2 јули 2009, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за употреба на знаковниот јазик (прво читање).

Потребата од донесување на законот ја образложи министерот за труд и социјална политика, г-дин Џелал Бајрами, при што беше укажано дека непостоењето на ваков закон претставува пречка поради која мал број на граѓани го познаваат знаковниот јазик и истиот го учат само глувите и наглувите кои се запишани во двете училишта за глуви, основното и средното училиште во Битола и Скопје, но само за нивна меѓусебна комуникација и преку курсеви што ги одржува Сојузот.

Исто така беше укажано дека минимален е бројот на толкувачи кои македонскиот говорен јазик и говорниот јазик на припадниците на заедниците знаат да ги толкуваат на знаковниот јазик и обратно, и истите не се во можност да ги задоволат потребите и барањата на глувите лица за да им се помогне во комуникацијата со релевантните надлежни институции, како и за нивна лична потреба во секојдневниот живот. Затоа е потребно донесување на закон со кој ќе се признае знаковниот јазик.

Досега, од страна на Сојузот се ангажирани само четири лица за кои средства издвојува Сојузот. Бидејќи Сојузот не располага со средства за оваа намена, не е во можност да ангажира барем уште неколку толкувачи кои ќе ги застапуваат глувите лица пред наведените институции за остварување на нивните најсуштествени потреби.

Овој закон доби целосна поддршка и од позицијата и од опозицијата, при што беше истакнато дека се работи за еден закон кој е редок дури и во земјите на ЕУ, а во регионот, Република Македонија е првата која се одлучува на ваков чекор.

Со овој закон се овозможува проширување на полето на можност за употреба на толкувач во секојдневните потреби на лицата со пречки во слухот и говорот.

Беше поставено прашањето за средствата потребни за имплементација на овој закон со оглед на фактот дека истите не се предвидени во тековниот буџет, но од страна на министерот беше укажано дека Министерството во рамките на својот буџет успеало да ги обезбеди потребните средства за отпочнување со имплементација на истиот.

Исто така беше укажано на неколку технички пропусти во самиот закон на кои ќе треба да се обрне внимание за време на второто читање односно во амандманската расправа.

Click