Активности



Среда, 15 јули 2009 година

Се чека препорака од ЕК за визна либерализација

Европската комисија денес треба да достави предлог за безвизен режим за три балкански земји: Македонија, Црна Гора и Србија. Одлуката на Европската комисија за укинување на визниот режим на прес-конференција во Брисел ќе ја соопштат еврокомесарите за правда и проширување, г-дин Жак Баро и г-дин Оли Рен.

Комисијата треба да усвои серија препораки во рамки на предлогот за либерализација на визниот режим во земјите од Западен Балкан. Препораките, кои потоа ќе се достават во земјите-членки на Унијата, треба да овозможат слободно движење во земјите од шенгенскиот простор и да ја потврдат заложбата на Европската комисија за укинување на визите.   

Република Македонија е земјата која доби највисоки оценки за напредокот  во исполнувањето на условите на ЕУ за влез во шенген-зоната - мрежно ги поврза своите бази на податоци со шенгенскиот безбедносен систем и старите пасоши ги замени со нови, биометриски пасоши.

Конечната одлука за визна либерализација треба да ја донесе Советот на министри со квалификувано мнозинство, односно треба да ја поддржат две третини од земјите-членки на Унијата, по претходно дадено мислење и од Европскиот парламент.

Со тоа ќе започне процесот за приклучување на Република Македонија, Црна Гора и Србија на белата шенген-листа и значајно ќе придонесе кон процесот на евроинтеграција на земјите од Балканот.

Click