Активности



Понеделник, 6 јули 2009 година

Седница на Комисијата за образование, наука и спорт

Комисијата за образование, наука и спорт на седницата одржана на 2 јули 2009 година, во прво читање ги разгледа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование.

За Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование претседателот на Комисијата, Сафет Незири, истакна дека предложениот закон воспоставува законска рамка за времено ангажирање на универзитетските професори во прв и втор циклус на студии, а самиот факт дека ќе се применува до 2013 година остава простор за ангажирање на универзитетите во насока на преземање мерки за дооформување на научните звања. Политиката на вработување не може да се диктира, а Предлогот на законот е токму во насока на интервентно решавање на евентуалниот недостаток од наставен кадар и зголемување на квалитетот на високото образование. Тој изрази согласност со ставот искажан во комисиската дебата, предложеното решение за ангажирање на пензионираните професори од пет години да се намали на три години.

Комисијата со осум гласа „за” и два „воздржани” констатира дека Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Во однос на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование, претседателот на Комисијата ја поздрави идејата за бесплатни учебници, како и санкционирањето на оние учебници кои се надвор од законската процедура на одобрување. Идентичен став искажа и во однос на обврските на учениците за оштетувања на учебници и опрема во училиштата. Исто така, тој го дели ставот искажан во комисиската дебата за институционални пропусти во однос на составот на авторскиот тим за изработка на ракопис за учебник.

Заменик-министерот за образование и наука, Линдита Ќазими, ја подвлече целта на предложениот закон која е во насока на обезбедување бесплатни учебници за сите ученици за школската 2009/2010 година. Скратениот рок за конкурсот за издавање учебници е доволен термин за прилагодување, бидејќи авторите веќе ги имаат ракописите за учебници.

Комисијата со шест гласа „за”, два „против” и еден „воздржан” констатира дека Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click