Активности



Вторник, 15 септември 2009 година

Шеснаесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на шеснаесеттата седница одржана на 14 септември 2009 година, како заинтересирано работно тело го разгледа Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година.

Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година го образложи заменикот на министерот за финансии, г.Недим Рамизи.

Тој истакна дека негативните макроекономски движења во првата половина од годината како последица на светската криза, ја наметнаа потребата од ново фискално прилагодување на јавните финансии (второ по ред во оваа година), односно  подготовка на втор Ребаланс на Буџетот. Имено падот на реалниот БДП во првиот квартал од 2009 година изнесуваше - 0,9%, по остварениот позитивен раст во четвртиот квартал од 2008 година од 2%.

Основни причини за предложените измени и дополнувања на Буџетот на Република Македонија за 2009 година се:

  • остварените негативни движења на економскиот раст во првиот и вториот квартал од годината особено во индустриското производство; 
  •  реализацијата на вкупните приходи, особено на даночните под планираните приходи за овој период од годината и
  •  натамошното намалување на планираните расходи со цел да се задржи планираниот буџетски дефицит од 2,8% од планираниот БДП за оваа година.

Со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2009 година се предлага:

  • да се изврши ревидирање на приходната страна на планираните приходи и нивно намалување за 4.617 милиони денари, односно за 3,2% во однос на планираните проекции. Во овие рамки даночните приходи се ревидирани на пониско ниво за 4.441 милиони денари, односно за 5,7% при што најголемо е намалувањето кај ДДВ за 6,5%, персоналниот данок на доход за 2%, како и приходите по основ на царински и увозни давачки за 16,7%, пред се како последица на намалениот увоз и годишното намалување на пондерираната царинска стапка. За разлика од даночните приходи, социјалните придонеси до крајот на годината се очекува да остварат зголемена реализација за 2,4% пред се како ефект од интегрираната наплата на придонесите и ефектите од законските можности за отпис на каматите. Останатите приходи, неданочните и капиталните, се планирани на пониско ниво согласно нивната намалена реализација; 
  • на расходната страна да се изврши намалување на расходите за исплата на плати и надоместоци кај буџетските корисници и фондовите за 684 милиони денари или за 3%, кое заедно со претходното намалување од 4% претставува вкупно намалување од 7%. Предложеното намалување е резултат на ефектот од антикризните мерки за замрзнување на вработувањата освен согласно интеграционите процеси и Рамковниот договор;
  • да се изврши намалување на расходите за стоки и услуги за 113 милиони денари или за околу 1% што заедно со претходното намалување од 16% претставува вкупно намалување од 17%,
  • социјалните трансфери да се проектираат на непроменето ниво што обезбедува навремена исплата на пензиите и нивно усогласување со 2% согласно законските решенија, како и навремена исплата на надоместоците за невработените лица, социјалните надоместоци и здравствените услуги;
  • во рамките на субвенциите и трансферите обезбедена е целосна реализација на субвенциите во земјоделието и програмата за рурален развој во износ од 70 мил. евра, како и редовна исплата на стипендиите на учениците и студентите;
  • капиталните расходи се планирани на пониско ниво од 4.340 милиони денари или околу 18% во однос на планираните, пред се заради законското намалување од 30% кај оние расходи кои во првата половина од годината имаа пониска реализација и потребата за одложување на сите оние проекти кои имаат увозна компонента и забавена динамика.

Согласно предложените намалувања, фискалната политика до крајот на годината ќе се реализира во рамките на намалени приходи во износ од 138.459 милиони денари кои ќе ги финансираат расходите во износ од 149.594 милиони денари. Во рамките на вака ревидираните проекции буџетскиот дефицит е планиран во износ од 11.135 милиони денари, односно 2,8% од БДП, во кои е вклучен дефицитот на основниот буџет од 2,4%, дефицитот на Агенцијата за патишта од 0,3%, дефицитот од кредитните линии за одделни проекти во износ од 1%.

Финансирањето на планираниот буџетски дефицит и редовното сервисирање на обврските на внатрешниот и надворешниот долг ќе се обезбедат преку издавање на државни хартии од вредност во износ од 4.436 милиони денари, (што претставува помало задолжување за 1.564 милиони денари), кредитни линии од Светска банка во износ од 3.197 милиони денари, кредитни линии за одделни проекти во износ од 780 милиони денари, како и од еврообврзницата.

За разделот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство образложение даде заменикот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Перица Ивановски. Тој истакна дека намалувањето на средствата  на  Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство  со овој Ребаланс изнесува 7,67%. При тоа тој ги посочи разликите и даде појаснување за причините на отстапувањата. Намалувањето на средствата за комунални услуги, патни и дневни  расходи како што истакна тој нема да имаат значително влијание врз функционирањето на Министерството. Зголемувањето на средствата за договорни услуги е наменета за исплата на времените вработувања и за закупнина на деловен простор во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во делот на програмата Водостопанство намалени се средствата за потпрограмата Водостопанство; за Хидросистемот Злетовица намалувањето е за незначителен износ; за Хидросистемот Лисиче намалувањето е позначително, но се проценува дека предвидените средства во  Ребалансот ќе бидат доволни за реализација на активностите до крајот на 2009 година. Средства за ревитализација на села во Ребалансот не се предвидуваат, односно се гасат (со претходниот Ребаланс за оваа намена беа предвидени 7 милиони денари) поради тоа што не се склучени договори и активностите се одложуваат за наредната година.

Во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој дел од средствата за субвенции се префрлени од Потпрограмата Финансиска поддршка во земјоделието во Потпрограмата Финансиска поддршка за рурален развој, така што ова префрлање нема да се одрази на исплатата на субвенциите.

Во претресот учествуваа пратениците: Марјанчо Николов,Ванчо Коцев, Никола Ќуркчиев, Миле Андонов, Панче Дамески, Феми Јонузи, Живко Пејковски и Тони Димовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Врз основа на расправата, Комисијата  едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го разгледа и донесе изменувањето и дополнувањето на Буџетот на Република Македонија за 2009 година.

Click