Активности



Среда, 1 јули 2009 година

Шведска го преземa претседателството со ЕУ

Ротационото претседателство со Европската унија денеска Чешка официјално и го предава на Шведска, која ќе го води наредните шест месеци, односно до 31 декември 2009 година.

По повод преземањето, вечерва во музејот Скансен во Стокхолм ќе биде одржана свечена церемонија. Членови на шведската влада ќе се сретнат со членови на Европската комисија, а премиерот на Шведска, г-дин Фредерик Рејнфелт и претседателот на Европската комисија, г-дин Жозе Мануел Баросо, ќе разговараат за приоритетите на шведскиот мандат. Еврокомесарите ќе ги прими и шведскиот крал Карл XVI Густав.

Мотото на Шведска во следните шест месеци е „Да ги пресретнеме предизвиците“. Во тој период оваа скандинавска земја си постави неколку цели - да се создадат услови за подобрување на економијата на земјите во ЕУ, да се наложи финансиска дисциплина во земјите-членки и да се зајакне контролата врз финансискиот сектор во Унијата. Приоритети на шведското претседавање ќе бидат и светската економска криза, намалувањето на невработеноста и климатските промени.

- Двата најважни проблеми за нас се економската криза и промената на климата. Ќе сториме сe што е можно за во Копенхаген да се дојде до светски договор за климата, со кој ќе се намали количеството на јаглерод диоксид во атмосферата. Мора да се погрижиме ЕУ да зборува во еден глас, да се држиме заедно, изјави министерот за европски прашања на Шведска, Цецилија Малмстром.

Шведска ја поддржува политиката на проширување на ЕУ, истакнувајќи дека приемот на нови земји кандидати за членство, посебно од Западен Балкан, најмногу ќе зависи од самите нив, односно од исполнувањето на поставените критериуми за членство од страна на ЕУ.

- Мојата визија за Европа е Европа која ќе ја опфаќа целата Европа. Мојата визија не е Европа која ќе исклучува дел од земјите, од верските определби или националности. Тоа е многу амбициозна визија и ги разбирам сите тешкотии со кои таа е поврзана, но единствениот начин за третман на оваа тема е отворена дебата. Тоа досега можеби го правевме премалку, изјави шефот на шведската дипломатија, г-дин Карл Билт.

Во областа на надворешните односи на ЕУ, Шведска вети дека ќе вложи напори за зацврстување на партнерството меѓу двата брега на Атлантикот, ќе организира средби на врвот меѓу ЕУ и САД, Русија, Украина, Јужна Африка, Бразил, Индија и Кина.

Шведското претседавање со Европската унија е во време на нов Европски парламент, во време кога треба да се избере нов претседател на Европската комисија и во време кога треба да се одобри Лисабонскиот договор, што се сериозни институционални промени во Унијата.

Click