Активности



Четврток, 16 јули 2009 година

Шведска ја презентираше шестмесечната програма за претседавањето со ЕУ

На вчерашната конститутивна седница на Европскиот парламент во Стразбур, Шведска ја презентираше шестмесечната програма за претседавањето со Европската унија, Чешка го образложи досега сработеното на истата позиција, а беа избрани и пет нови квестори на Европарламентот.

Шведскиот премиер, г-дин Фредрик Рејнфелд, како приоритети на официјален Стокхолм за наредните шест месеци ги издвои стапувањето на сила на Лисабонскиот договор, справувањето со економската криза и со климатските промени.

„Многумина ми рекоа дека ова ќе биде најтешкото претседавање во годината и се прашуваа дали Шведска може да ја понесе таа одговорност. Мојот одговор е – не сами, но заедно можеме да го скротиме предизвикот. Европскиот сон е за заедничко решавање на човековите проблеми. Тоа е сон кој ја прави Европа силна“, изјави г-дин Рејнфелд.

Премиерот на Шведска истакна дека прво треба да се поврати довербата во финансиските пазари, потоа да се запре нараснувањето на големите јавни дефицити преку координирана стратегија и постепено враќање кон правилата од Пактот за стабилност. Како клучна точка од програмата на шведското претседателство, тој ја наведе „Стокхолмската програмата“ во областа на правосудството и внатрешните работи. Со неа се има за цел поефикасна борба против меѓународниот криминал и гарантирање на слободното движење преку границите, што е еден од основните принципи на ЕУ.

Претседателот на Европската комисија, г-дин Жозе Мануел Баросо, истакна дека клучни прашања во наредните шест месеци ќе бидат опоравувањето на европската економија и ефектно справување со климатските промени во Копенхаген.

„Ова не е обично време и ова нема да биде обично претседавање“, изјави г-дин Баросо.

Премиерот на Чешката Република, г-дин Јан Фишер, пред европарламентарците даде рапорт за изминатите шест месеци од претседавањето на оваа земја со ЕУ. Како приоритетни области на чешкото претседателство г-дин Фишер ги истакна економијата, енергетската политика и улогата на ЕУ во светот.

На седницата со тајно гласање за 2,5 годишен мандат беа избрани и пет квестори, кои се одговорни за административните и финансиските прашања поврзани со членовите на Парламентот:

  1. Лидија Јоана Герингер де Оденберг од Полска (Партија на социјалистите и демократите) – 398 гласа;
  2. Џим Хигинс од Ирска (Европска народна партија -Демохристијани и европски демократи) – 352 гласа;
  3. Астрид Лулинг од Луксембург (Европска народна партија -Демохристијани и европски демократи) – 306 гласа;
  4. Јири Масталка од Чешка (Партијата на Обединета европската левица/Нордиска зелена левица) – 293 гласа;
  5. Бил Њутн Дун од Велика Британија (Партија на либералите и демократите за Европа) – 208 гласа.
Click