Активности



Среда, 22 јули 2009 година

Шведскиот министер за надворешни работи ја искоментира визната либерализација, кипарското прашање, апликацијата на Исланд во ЕУ и состојбите во Хондурас и Иран

На вчерашниот состанок на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, министерот за надворешни работи на Шведска, г-дин Карл Билт, како претставник на земјата која претседава со Европската унија, уште еднаш истакна дека граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора ќе можат да патуват слободно во шенгенската зона од 1 јануари 2010 година. Тој го искоментира решението Босна и Херцеговина да не биде дел од пакетот за пристап кон шенген-зоната.

„Босанските граѓани се жртви на политичката неспособност на нивните лидери, кои не ги остварија неопходните ершенија, посебно биометриските пасоши“, изјави г-дин Билт.

За неодамнешното решение за исклучување на Босна и Херцеговина од планот за визна либерализација, Европската комисија беше критикувана од многу членови на Европарламентот.

Г-дин Билт, покрај за визната либерализација за балканските земји, зборуваше и за кипарското прашање, апликацијата на Исланд за членство во ЕУ, политичката криза во Хондурас и состојбата во Иран.

За кипарското прашање, г-дин Билт рече: „ЕУ не може да игра многу важна улога во моменталните преговори“ и потенцира дека тоа е прашање за двајцата кипарски лидери, Мехмет Али Taлат и Деметрис Кристофијас.

Шведскиот министер, сепак, забележа дека ЕУ треба да се увери дека Протоколот на Анкара, кој бара Турција да ги отвори своите пристаништа и аеродроми за сите земји-членки на ЕУ, вклучително и Кипар, е во процес на реализација.

Најверојатно утре, Исланд треба да ја поднесе својата апликација за членство во Европската унија.

„Апликацијата на Исланд за членство во ЕУ ќе биде третирана како и за секоја друга земја, иако спроведувањето на правото во оваа земја е многу напредно. Присоединувањето на Исланд ќе и донесе на ЕУ директен контакт со еколошки важниот поларен регион, со неговите нови бродски маршрути“, изјави г-дин Билт.

Во однос на политичката криза во Хондурас, г-дин Билт рече: „Нашата политика е да го поддржиме посредништвото започнато од претседателот Аријас.  Ние не се определивме да ги раскинеме односите со оваа земја, но ако тоа се покаже како неопходно, тогаш тоа ќе го направиме“.

На темата за Иран, г-н Билт призна дека е тешко да одговори на прашањето на г-дин Улрике Луначек од Партијата на Зелените, кој апелира дека ЕУ не треба да биде претставена на именувањето на претседателот Махмуд Ахмадинеџад меѓу 2 и 6 август, но додаде дека тој самиот не се чувствува далеку од истакнатиот став. Г-дин Билт не го искажа ставот по барањето да се одржи референдум за легитимност на новата влада, предложено од поранешниот претседател Мохамед Хатами.

Click