Активности



Четврток, 2 јули 2009 година

Шведското претседавање со ЕУ пред огромни предизвици

По повеќе од две години подготовка, Шведска вчера го презеде претседателството со Европската унија. Во Стокхолм, шведскиот премиер, г-дин Фредерик Рејнфелт, го пречека претседателот на Европската комисија, г-дин Жозе Мануел Баросо. Церемонијалната прослава се одржа во музејот Скансен, каде присуствуваше и кралот на Шведска, Карл XVI Густав. Се очекува оваа скандинавска земја во својот шестмесечен мандат да оствари над 3.000 средби, повеќето во Брисел и Луксембург, но и над сто средби во своите градови.

- Соработката меѓу шведската влада и Европската комисија е одлична. Со преземањето на претседателството следи и голема одговорност. Нашата задача е да дејствуваме во интерес на целата Европска унија. Претседателството не е обврска само на Владата, туку на цела Шведска, изјави г-дин Рејнфелт.

Тој нагласи дека шведското претседавање со ЕУ се наоѓа пред огромни предизвици, кои се далеку од едноставни.

- Европа и светот, се наоѓаат во најсериозната економска криза на современото време. Како носители на претседателството, наш приоритет и натаму ќе биде борбата против финансиската криза и справувањето со невработеноста која ја зафати Европа. Во исто време, можеби најголемиот предизвик ни се климатските промени. Нема време за губење. Ние ќе направиме сè што е во наша моќ во декември во Копенхаген да се постигне меѓународен договор за климата, истакна премиерот на Шведска.

Г-дин Фредерик Рејнфелт изрази свесност дека го преземаат претседавањето со ЕУ во време на низа институционални промени. Новоизбраниот Европски парламент ќе започне со работа и ќе биде избрана нова Комисија. Тука е и неизвесноста околу тоа дали Лисабонскиот договор ќе стапи на сила наесен. Тоа се важни проблеми со кои треба да се соочат со цел создавање на стабилност и ефективност во идната работа на Европската унија.

- Се надеваме дека во ЕУ ќе се развие соработка во областа на правосудството и внатрешните работи, во согласност со Стокхолмската програма. Друга цел на ЕУ е да се усвои стратегија која ќе ја засили соработката во заштита на околината во регионот на Балтичкото Море. Ние ќе продолжиме да работиме на зајакнување на политиката на ЕУ во односите со соседните земји на југ и исток. Продолжувањето на процесот на проширување исто така е важен за да се осигура мирот и напредокот во една обединета Европа - додаде премиерот на Шведска.

Г-дин Жозе Мануел Баросо истакна дека мотото на Шведска - „Да ги пресретнеме предизвиците“, објаснува сè. Тој верува дека има многу што да се стори и дека ќе има прогрес до крајот на годината, кога истекува шведскиот мандат.

- Следните шест месеци претставуваат добра можност да се подготвиме за иднината, да се подготвиме за нова економија. Ние сакаме една Европа на можности, одговорност и солидарност, Европа на интелигентен еколошки развој, Европа со поетичко и поефективно регулирање и надзор на финансиските пазари, Европа која има единствен пазар, изјави претседателот на Европската комисија.

Click