Активности

Вторник, 28 јули 2009 година, Брисел

Состанок на ЕУ министрите по општи прашања и надворешни работи

ЕУ министрите по општи прашања и надворешни работи на вчерашниот состанок во Брисел, меѓу другото, ја потенцираа својата поддршка за земјите од Западен Балкан. Советот расправаше за проширувањето на Европската унија и се согласи апликацијата на Исланд за членство во ЕУ да ја достави до Комисијата. Министрите на Комисијата и ја претставија и Стратегијата за Балтичкото Море, решија да го продолжат мандатот на набљудувачката мисијата за ЕУ во Грузија, а беа усвоени и заклучоци за Сомалија и се разговараше за Иран.

Министрите постигнаа едногласна согласност да ја поднесат апликацијата на Исланд за членство во ЕУ до Комисијата, која треба да изгради свој став во врска со тоа, односно дали Исланд е подготвен да започне преговори за прием во ЕУ. Врз основа на мислењето на Комисијата, Советот потоа ќе донесе одлука дали Исланд ќе добие статут на земја-кандидат и ќе одлучи кога можат да започнат преговорите.

На состанокот за општите прашања, министерот за европски прашања, Сесилија Малмстром, ги претстави приоритетите на Шведска за време на претседавањето со ЕУ, а како два основни меѓу нив ги наведе климата и екологијата и економската криза.

Комисијата пред министрите ја претстави Предлог-стратегијата за Балтичкото Море, која вклучува мерки за подобрување на екологијата, инфраструктурата и сигурноста во регионот, но исто така се занимава со прашањата за подобрување на условите за зголемување на економскиот просперитет. Целта е да се стигне до решение на октомврискиот состанок на Советот.

Во врска со набљудувачката мисија на ЕУ во Грузија, министрите на надворешни работи решија да го продолжат мандатот до септември 2010 година со цел стабилност во регионот.

ЕУ ќе испрати мисија за оценување на Сомалија. Советот го поддржа преодниот режим во Могадишу и ги осуди исламистичките вооружени напади.

На состанокот беше истакнато и дека Унијата обединето стои зад барањето граѓаните на ЕУ да бидат ослободени од иранските затвори.
Click