Активности



Вторник, 30 јуни 2009 година, Стразбур

Учество на редовната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа

На редовната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа која се одржа од 22 до 26 јуни 2009 година во Стразбур, Франција, учествуваа шефот на делегацијата Оливер Шамбевски и членот Игор Ивановски.

Иако беше предвидено на оваа сесија да се избира генерален секретар на Советот на Европа, Парламентарното собрание со мнозинство гласови одлучи да не ја стави на дневен ред оваа точка. Со ова, изборот се одложува до октомвриската сесија, до кога се очекува да биде надминато несогласувањето меѓу Комитетот на министри и Парламентарното собрание околу постапката за избор на кандидати на оваа функција.

На сесијата се дискутираше за Извештајот за Заштитата на човековите права на долгорочно раселените лица, т.н. заборавени луѓе на Европа. Пратениците Шамбевски и Ивановски поднесоа амандман на текстот на Извештајот за измена на законите во земјите-членки за отстранување на правните пречки за интеграција на раселените лица.

На јунската сесија пред пратениците се обратија претседателката на Ирска, Мери Мекалис, премиерот на Словенија, Борут Пахор, претседателот на Европската банка за обнова и развој Томас Мироу и други. По итна постапка се дискутираше за актуелната состојба во Иран, а теми на сесијата беа предизвиците од финансиската криза за светските економски институции, состојбата со човековите права во Европа, напредокот од мониторинг постапките на Собранието и други.

Во текот на сесијата се одржаа седници на одделни комисии, а на Комисијата за политички прашања, пратеникот Оливер Шамбевски беше назначен за известител на темата "Проширување на демократијата преку намалување на возраста за гласање на 16 години".

Click