Активности

Четврток, 12 ноември 2009 година

Средба на потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска со вицепремиерот за законодавство и министер за правда на Словачката Република, г-ѓа Виера Петрикова

Потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска денеска оствари средба со делегација на Словачката Република, предводена од вицепремиерот за законодавство и министер за правда на Словачката Република, г-ѓа Виера Петрикова.

Во својство на претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Словачката Република, присуствуваше и пратеничката Соња Мираковска.

На средбата беше констатирано дека билатералните односи меѓу двете држави ги карактеризира пријателство и висок степен на меѓусебно разбирање, како и заложби за нивно натамошно унапредување. Делегацијата од Словачката Република беше информирана дека Собранието на Република Македонија и во овој (шести) пратенички мандат има формирано Група за соработка со Парламентот на Словачката Република. 

 Исто така, беше истакната соработката со Националниот совет на Словачката Република, во Проектот за поддршка на демократското градење на институциите на парламентите од Западен Балкан, во кој учествува и Националниот демократски институт (НДИ) и словачката невладина организација Општеството за Централна и Источна Европа од Словачка  (ОЦИЕ), која има покажано интерес за техничка помош на парламентите на нови и развојни демократии.

На средбата беше изразена голема благодарност до Владата на Словачката Република за континуираната поддршка што ѝ ја дава на Република Македонија на патот кон членството во НАТО и ЕУ.

Во однос на економските односи, според параметрите на трговската и стопанската размена, потребно е нивно унапредување. Постоечките договори и потпишувањето на Спогодбата за одбегнување на двојното оданочување треба да даде нов импулс за понатамошна богата економска соработка, се истакна на средбата.


Click