Активности



Понеделник, 28 септември 2009 година

Средба на македонски пратеници со шпанскиот пратеник г.Гутиерез Вегара Антонио

Пратеници од Собранието на Република Македонија остварија средба со г. Гутиерез Вегара Антонио, пратеник од Парламентот на Кралството Шпанија. На средбата присуствуваа и шпански експерти, учесници на Конференцијата „Шпанија - Македонија: компаративен пристап за стратешко партнерство за европска интеграција”.

Во расправата учествуваа Александар Спасеновски, Лилјана Поповска, Васко Шутаров, Панче Дамески и Кристина Рунчева.

Копретседавачот на мешовитиот парламентарен комитет, г.Спасеновски, истакна дека евроинтеграцијата е врвен приоритет на Република Македонија и го потенцираше стремежот за визна либерализација и датум за преговори за членство во Европската унија.

Г. Гутиерез Вегара Антонио изјави дека оваа средба претставува можност да ги запознаат овдешните идеи, придонеси и сомнежи, со цел Република Македонија да ги надмине пречките во процесот кон ЕУ интеграција.

Тој изрази надеж дека Извештајот на Европската комисија за Република Македонија ќе биде позитивен и дека ќе се надминат разликите во спорот со името со Грција. 

Шпанските претставници беа заинтересирани до кој степен е подготвена Република Македонија да направи компромис во врска со прашањето за името, какво е гледиштето на македонскиот парламент за абортусот, за улогата на жената во социјалниот свет и правата на жените, како и за учеството на граѓанскиот сектор во европските прашања.

Општа констатација е дека оваа посета и идното претседавање на Шпанија со Европската унија ќе ги отворат можностите за соработка меѓу Македонија и Шпанија.

Click