Активности

Вторник, 20 октомври 2009 година, Стразбур

Средба на делегација на Собранието на Република Македонија со г. Зоран Талер известител за Република Македонија 

Делегација на Комисијата за европски прашања, во состав: г. Миле Пачемски, г. Талат Џафери и г. Емилијан Станковиќ, во рамки на посетата на Европскиот парламент денеска имаше средба со г. Зоран Талер, известител на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) за Република Македонија.

На средбата македонската делегација го извести г. Талер за главните приоритети на Република Македонија: добивање на датум за преговори за ЕУ членство, визна либерализација и добивање на акредитација за децентрализирано управување со средствата од ИПА програмата до крајот на оваа година.

Известителот Талер им го честита позитивниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, постигнатиот политички консензус за ЕУ прашањата, како и успешно исполнетите услови за добивање на визна либерализација. Тој, исто така, информираше дека наредниот месец ќе отпочне со изготвување на Извештајот за следната година, а за таа цел најавена е посета од негова страна на Република Македонија на 29 октомври 2009 година.

Делегацијата имаше средба и со г-ѓа Норика Николаи, европратеник (АЛДЕ), која е известувач во сенка за Република Македонија.

Во текот на денешниот и утрешниот ден закажани се средби и со европратеникот г. Елмар Брок (ЕПП), кој е координатор на најголемата пратеничка група во Европскиот парламент, копретседателот на мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, г. Јорго Шацимаркакис, како и со други европратеници.

Click