Активности

Среда, 16 септември 2009 година, Стразбур

Република Македонија посветено работи за добивање датум за преговори за членство во Европската унија

Делегација на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот на Комисијата г. Петар Поп Арсов, а во состав: г-ѓа Славица Грковска Лошкова и г. Хајрула Мисини, вчера и денес имаше повеќе средби со европратеници, при што македонската делегација ги презентираше последните постигнувања во евроинтегративниот процес, во поглед на исполнувањата на бенчмарковите од страна на Европската комисија.

Исто така, делегацијата ги запозна европратениците за донесувањето на четирите закони кои ги побара комесарот за проширување, г. Оли Рен, при неговата последна посета  во Скопје.

Македонската делегација, на средбите со европратениците, во врска со точката на дневниот ред на пленарната сесија на Европскиот парламент за визната либерализација за Македонија, Црна Гора и Србија, истакна дека тоа претставува чекор напред во евроинтегрирањето на македонските граѓани и позитивен исчекор во целокупниот евроинтегративен  процес на земјата, но дека за Република Македонија приоритет е добивањето на датум за преговори за ЕУ членство на што земјата посветено работи. Притоа беше истакнато дека визната либерализација не може да биде замена за датум за ЕУ преговори.

Во разговорите беше укажано на потребата да се продолжи со евроинтегративниот процес преку реализирање на потребните реформи, како и на потребата за обезбедување на политички консензус за ЕУ прашањата.

Македонската делегација беше информирана дека во тек е процедурата за избор на ко- претседател и членови на Мешовитиот парламентарен комитет од страна на  Европскиот парламент, а присуствуваше и на пленарната сесија на Европскиот парламент, кога се избираше претседатателот на Европската комисија  за новиот мандат, г.  Жозе Мануел Баросо, како и на расправата за визната либерализација за Македонија, Црна Гора и Србија.

Делегацијата  се сретна и разговараше со европратениците: Чарлс Танок (Обединето Кралство), Ханс Свобода (Австрија), Адријан Северин (Романија), Иво Вајгел, Тања Фајон, Јелко Кацин, Алојзе Петерле и Зоран Талер (Словенија), Франциска Братнер, Бернт Поселт и Дорис Пак (Германија), Ана Ибрисагиќ (Шведска) и Корнелијасен Марије (Холандија).

 

 

 





Click