Активности



Сабота, 12 декември 2009 година, Стокхолм

Учество на потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, на Вонредна конференција на претседатели на парламентите на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство во Унијата

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, учествува на Вонредната конференција на претседатели на парламентите на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство во Унијата, која се одржува денеска во Стокхолм, односно во Парламентот на Кралството Шведска. 

На Конференцијата учествуваат претседатели и потпретседатели на парламентите на сите земји-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство во Унијата.

Конференцијата се организира по ратификувањето и стапувањето на сила на Лисабонскиот договор, со кој се предвидува зголемување на улогата на националните парламенти. Тоа претставува најзначајна новост на новиот договор, што придонесува за надминување на проблемот на демократскиот дефицит на Унијата.

На маргините на Конференцијата, потпретседателот Јакимовска оствари одвоени билатерални средби со г-ѓа Лиселет Хагберг, потпретседател на Шведскиот парламент, г. Евангелос Аргисир, потпретседател на Грчкиот парламент и г. Мехмет Али Сахин, претседател на Турскиот парламент.

Госпоѓа Хагберг се интересираше за учеството на жените во политиката во Македонија и за напредокот на Република Македонија кон европските интеграции.

Господин Евангелос Аргисир, потпретседател на Грчкиот парламент, се согласи дека соработката меѓу нашие два парламента, како претставници на граѓаните, ќе придонесе за зближување на двата народа и изрази надеж за поблиска парламентарна соработка.

Господин Мехмет Али Сахин, претседател на Турскиот парламент, истакна дека Турција и понатаму ќе ја поддржува Македонија во нејзините напори да стане дел од европското и евроатлантското семејство.


Обраќање на потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, на Вонредната конференција на претседатели на парламентите на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство во Унијата:

Почитуван претседател, екселенции, дaми и и господа  

На почетокот, сакам да упатам благодарност за поканата Собранието на Република Македонија да учествува на оваа Конференција.

Привилегија и задоволство е да се учествува на Конференцијата по усвојувањето и стапувањето на сила на Лисабонскиот договор што донесе зголемување на улогата на националните парламенти како најзначајна новост на новиот Договор, а со која се надминува проблемот на демократскиот дефицит на Унијата. Тоа практично ќе значи дека ЕУ ќе има подобра легислатива преку нејзината подобра информираност за состојбите во државите-членки и ќе прерасне во интерпарламентарна демократија.

Со цел целосно заживување на новиот Договор, Собранието на Република Македонија, како земја-кандидат ја согледува и ја поддржува потребата од размена на добри практики и информации на ниво на национални парламенти и Европски парламент, што би било решавачко за ефикасно спроведување на проверката на принципот на субсидијарноста, првенствено за користење на жолтата и портокаловата карта и влијанието на оваа процедура врз носењето на одлуките во ЕУ.

Собранието на Република Македонија исто така го поздравува ратификувањето на Лисабонскиот договор и реформите на институциите на проширената Унија со прилагодување на нејзините политики на брзите промени кои се случуваат во светот, убедени дека реформите дополнително ќе ја зајакнат и поедностават институционалната рамка на идното проширување. Се надеваме дека проширувањето ќе остане високо на агендата на Унијата и во следното шпанско претседавање со Унијата.

Накратко, би сакала да ве информирам за процесот на  приближување на мојата земја кон ЕУ. Европската комисија во својот Извештај за напредокот на Република Македонија во 2009 година ги афирмираше вложените напори и постигнувањата во исполнувањето на стандардите и критериумите за членство во ЕУ и препорача почеток на пристапни преговори со мојата земја. Препораката на Комисијата беше прифатена со огромно задоволство во македонската јавност, недвосмислено потврдувајќи ја остварливоста на перспективата за членство во ЕУ и споделувањето на заедничките идеали и вредности. 

Почетокот на преговорите со Република Македонија, доколку се случеше, суштински ќе ги поттикнеше и останатите држави од регионот во предпристапните реформи и ќе го потврдеше кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ.

Ние и понатаму остануваме посветени на реформските процеси на државата и нашето интегрирање во европското и евроатлантското  семејство е највисок приоритет во земјата. Република Македонија постојано искажува подготвеност за надминување на проблемот, со цел во скора иднина да се создадат услови за почеток на преговорите. 

На крајот, сакам да искажам огромна благодарност до нашите домаќини, односно до Шведското претседателство со Унијата, за нивната принципиелна политика, за нивните вложени напори и заложби Република Македонија да го отпочне процесот на преговори со Унијата и да ги надмине блокадите со кои се соочува. 

Благодарам на вниманието.

Click