Активности



Вторник, 29 септември 2009 година

Триесет и четврта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Триесет и четвртата седница, одржана на 25 септември 2009 година, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по рамковниот договор за заем за делумно финансирање на проектот за домување на социјално ранливи групи;
  2. Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Кредитната банка за обнова- КФВ по Договорот за заем за Проектот „Наводнување на јужната долина на реката Вардар- фаза II“;
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност;
  4. Предлогот на закон за изменување на Законот за платниот промет;
  5. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за даночна постапка;
  6. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања.

Воведно образложение по Предлог-законите даде заменик-министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

- Во однос на Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по рамковниот договор за заем за делумно финансирање на проектот за домување на социјално ранливи групи, г.Рамизи истакна дека Проектот за домување на социјално ранливи групи започна со имплементација во 2007 година. Досега, се изградени три згради, а во тек е изградбата на дванаесет. Вкупно, треба да се изградат 37 згради со 1708 станови во 19 града во Република Македонија до 2012 година. Вкупната вредност на Проектот изнесува 50.700.000 евра.

Главна цел на овој Проект е обезбедување на пристап до соодветно домување и борба против сиромаштијата и социјалното исклучување.  Дефинирани се шест трагет групи, кои ќе бидат подобни да ги користат овие станови: деца без родители над 18 години; невработени лица и лица корисници на социјална помош; жители на региони погодени од природни катастрофи; инвалидизирани лица или домаќинства кои имаат инвалидизирано лице; социјално загрозени лица припадници на ромската популација; и  самохрани родители со малолетни деца.

Со седум гласа „за” и три „против” Комисијата заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- За Предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Кредитната банка за обнова- КФВ по Договорот за заем за Проектот „Наводнување на јужната долина на реката Вардар- фаза II“, заменик-министерот за финансии истакна дека имплементацијата на овој Проект многу влијае во насока на зголемување и подобрување на користењето, одржувањето и управувањето со системите за наводнување од страна на водните заедници во овие региони. Успешната реализација на првата фаза од овој проект и стекнатото искуство во текот на истата овозможуваат проширување на проектот со втора фаза.

Проектот „Наводнување на јужната долина на реката Вардар – фаза II” согласно резултатите од претходно изработената Студија за изводливост, ќе опфаќа проширување на земјишна површина за изградба на системи за наводнување во износ од 3.894 хектари на шест локации и тоа: Миравци, Кованци, Негорци, Гевгелија, Грчиште, Паљурци и Валандово.
Втората фаза на проектот цели кон проширување на успешниот концепт за поддршка на рехабилитацијата/ модернизацијата на системите за наводнување преку воведување на технологии за заштеда на вода (капка по капка, прскалки и сл.), врз основа на одржлив технички, социјален и институционален дизајн и со префрлање на идните одговорности за управување и одржување на водните заедници, како идни корисници на проектот.

Вкупната вредност на Проектот изнесува 21.807.256 евра, а делумно ќе биде финансиран со заем од КФВ од 10.250.000 евра.

Со шест гласа „за” и два „воздржани”, Комисијата заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Што се однесува на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, целта е намалување на даночната стапка од 18% на 5% за првиот промет со станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели, кој ќе се изврши во период до пет години по изградбата. Во услови на криза, со намалувањето на даночната стапка ќе се стимулира изградбата на станови од страна на градежните претпријатија, со што ќе се овозможи заживување на градежништвото, но и на останатите дваесетина стопански гранки поврзани со изградбата на станбениот простор, како што се занаетчиството, индустријата, производството на мебел и други.

Со очекуваното зголемување на понудата на станови на пазарот на недвижности, како и директниот ефект од намалената даночна стапка, се очекува намалување на вкупната цена на станбениот простор и тоа за околу 11%. Со тоа станбениот простор ќе стане подостапен за граѓаните, што ќе помогне многу од нив да го решат своето станбено прашање. Повластената даночна стапка од 5% ќе се применува до 31.12.2011 година.

Со седум гласа „за” и два „воздржани”, Комисијата заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во врска со Предлог-законот за изменување на Законот за платниот промет, г. Рамизи истакна дека целта е да се одложи примената на одредбата дека учесникот во платниот промет од 1 јануари 2010 година не може да врши плаќање со пресметка доколку има блокирана трансакциска сметка. Одложувањето на примената на наведената одредба за една година, односно од јануари 2011 година ќе им овозможи на фирмите  ублажување на ликвидносните проблеми.

Со оглед на бројот на фирми  што може да се претпостави дека ќе паднат под удар на споменатата одредба, десетици илјади вработени би ги изгубиле работните места. Исто така, престанокот на дејноста на тие фирми ќе предизвика сериозни последици и во фирмите кои нема да бидат директно погодени од таа одредба, туку ќе трпат штети поради нивните деловни односи со споменатите фирми.

Со седум гласа „за” и еден „против”, Комисијата заклучи дека Предлогот на закон  за изменување на Законот за платниот промет е прифатлив и може да се даде на натамошно чирање.

- Во функција на ублажување на негативните ефекти од економската криза, се појавува потреба од одредени изменувања и дополнувања на Предлогот  на  закон  за изменување и  дополнување  на  Законот за даночна постапка.

Со Предлог-законот се овозможува побрзо закрепнување на фирмите со заостанати акумулирани обврски и обезбедување на задоволително ниво на ликвидност без дополнителни финансиски трошоци на претпријатијата во новонастанатите услови на криза во кои се наоѓа македонската економија. Со предложените измени, пред сè, се врши интервенција преку пропишување на одредби кои се поповолни за даночните обврзници, а кои се однесуваат на продолжувањето на доспеаноста на обврските. Исто така, се врши намалување на вредноста на гаранцијата од даночните обврзници за обезбедување на плаќање на даночните долгови, што е во функција на олеснување на нивната положба.

Со седум гласа „за” и два „воздржани”, Комисијата заклучи дека Предлогот  на  закон  за изменување и  дополнување  на  Законот за даночна постапка е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Целта на Предлогот  на  закон  за  изменување  и  дополнување  на  Законот за регистрирање на готовинските плаќања е да се уреди воведувањето и користењето на фискалниот систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања. Со Предлог-законот се уредува и постапувањето на Управата за јавни приходи во ситуациите кога даночниот обврзник нема воведено фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања или кога има, но не го користи или не издава фискална сметка.

Со седум гласа „за” и два „воздржани”, Комисијата заклучи дека Предлогот  на  закон  за  изменување  и  дополнување  на  Законот  за   регистрирање на готовинските плаќања е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click