Активности



Сабота, 17 октомври 2009 година

Триесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет       

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Триесет и петтата седница, одржана на 5 октомври 2009 година, како матично работно тело ја разгледа Информацијата за активностите на Управата за јавни приходи во првата половина на 2009 година.

Воведно образложение по Информацијата даде директорот на Управата за јавни приходи, г.Горан Трајковски, кој истакна дека во неа се прикажани профилот на УЈП, приоритетните цели кои произлегуваат од нејзиниот стратешки план, реализацијата и идните планови и цели на оваа институција.

Содржината на Информацијата ажурирана со последните податоци за работењето на УЈП (30.09.2009г.) ја презентираше Марија Леова-Димовска, главен аналитичар во УЈП. Таа потенцираше дека во рамки на надлежностите утврдени со Законот, УЈП ја спроведува даночната политика и врши наплата на даноци и други јавни давачки, им дава помош на даночните обврзници за исполнување на нивните даночни обврски, го следи и анализира функционирањето на даночниот систем и дава предлози за негово унапредување, соработува со даночни органи од други држави и дава меѓународна правна помош во даночни предмети.

Основната цел на УЈП е да го спроведува законодавството за даноци и други јавни давачки и да обезбедува задоволувачко ниво на приходи во Буџетот на Република Македонија, заради обезбедување на функциите на државата, а притоа да им дава помош и поддршка на даночните обврзници за доброволно исполнување на даночните обврски.

Стратешка определба на УЈП во периодот 2009-2011 година е да продолжи со процесот на зајакнување на активностите за зголемување на административниот капацитет за примена на даночното законодавство и подготовките на земјата за членство во Европската Унија. УЈП во последните години спроведува интензивни активности за модернизација кои треба да ги зајакнат нејзините капацитети преку подобрување на методите за работа и управување.

Во 2009 година надлежностите на УЈП се проширија со воведување на принципот на исплата на бруто плата и преземање на администрирањето на социјалните придонеси од плата и нивно интегрирано наплаќање со персоналниот данок од доход.

Во  претресот учествуваа пратениците Јован Манасијевски, Марјанчо Николов, Јован Гинев и Миле Андонов.

Врз основа на расправата Комисијата едногласно ги усвои следните заклучоци:

  1. Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија ја разгледа Информацијата за активностите на Управата за јавни приходи  во првата половина  на 2009 година;
  2. Комисијата за финансирање и буџет констатира дека во Информацијата  е објективно прикажано остварувањето на приоритетните цели на Управата за јавни приходи, наплатата на приходите и плановите за развој и модернизација на оваа институција;
  3. Овие заклучоци заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македионија да се достават до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Управата за јавни приходи.
Click