Активности



Понеделник, 24 август 2009 година

Триесет и прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање на Собранието на Република Македонија на 19 август 2009 година ја одржа триесет и првата седница. Комисијата го разгледа Предлогот на завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2008 година. Воведно образложение даде заменикот на  министерот за финансии, г-дин Недим Рамизи, кој истакна дека завршната сметка се изготвува согласно Законот за буџетите и се доставува до Собранието на Република Македонија за донесување заедно со завршната сметка на буџетите на локалната самоуправа, извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на основниот буџет и коментарите на Министерството за финансии.

Г-дин Рамизи нагласи дека македонската економија оствари респектибилни економски резултати и покрај забавувањето на глобалната економска активност. Во 2008 година е остварен раст во висина од 5% од БДП, што е највисок пораст после осамостојувањето на Република Македонија. Не треба да се занемарат и субвенциите во земјоделството коишто досега се обезбедени во највисок износ.

Комисијата со седум гласа „за” и три „против” заклучи да му предложи на Собранието да ја разгледа и донесе Завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2008 година.

На истата седница, меѓу другото, беше разгледан и Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Кредитната банка за обнова - КфВ по Договорот за заем по проектот „Водовод и канализација на општините фаза I” (прво читање).

Во своето образложение, заменик- министерот за финансии нагласи дека Проектот „Водовод и канализација на општините фаза I” ќе се реализира во рамките на билатералната финансиска соработка со Владата на Сојузна Република Германија и истиот има за цел обезбедување на одржливо снабдување со вода за пиење на населението во избраните општини по социјално прифатливи трошоци.

Овој Проект предвидува крајни корисници да бидат општините, односно јавните комунални претпријатија кои ќе покажат солидно финансиско работење и ќе ги исполнат однапред познатите критериуми за зголемување на економската ефикасност во работењето.

Со овој Предлог на закон се предлага Република Македонија да се задолжи кај Кредитната банка за обнова - КфВ од Сојузна Република Германија со заем во износ од 8.635.000 ЕВРА. Рокот на отплата на заемот е 30 години со вклучен грејс период од 10 години, со фиксна каматна стапка од 2%.

Комисијата со пет гласа „за” и два „воздржани” заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Комисијата за финансирање го разгледа и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за задолжување на Република Македонија кај Европската банка за обнова и развој, по договорот за кредит за Проектот за унапредување на цивилната воздушна пловидба (прво читање).

Република Македонија и ЕБОР на 30.06.2002 година склучија договор за кредит во износ од 11.200.000 евра. Овој проект е завршен со вкупно повлечени средства во износ од 10.600.000 евра.

Во меѓувреме е предвидено Управата за цивилна воздушна пловидба да се трансформира во два ентитети: Агенција за цивилно воздухопловство и АД со еден акционер, државата- давател на услуги на воздухопловната навигација. Трансформацијата на Управата за цивилна и воздушна пловидба е обврска која произлегува од Законот за воздухопловство. За таа цел, член 5 од Законот за задолжување предвидува дека субјектите наследници на Управата за цивилна и воздушна пловидба  ќе продолжат да го отплаќаат кредитот од своите приходи, во рокови и услови утврдени во Договорот за кредит.

Целта на овој Предлог на закон е прецизно регулирање кој ќе продолжи да ја врши отплатата на обврските согласно Договорот за кредит кон ЕБОР. Дополнително, бидејќи измените и дополнувањата на Законот за задолжување предвидуваат отплатата на заемот да ја врши АД со еден акционер , државата - давател на услуги на воздухопловната навигација од свои и други приходи, потребни се одредби кои предвидуваат на кој начин ќе се регулира односот на Република Македонија и АД со еден акционер, државата- давател на услуги на воздухопловната навигација, кое нема да биде буџетски корисник.

Комисијата констатира дека има потреба од донесување на предложениот закон. Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

На седницата беше разгледан и Предлогот на закон за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија со кредит кај ЕБОР, по Договорот за Проектот Акциона програма за унапредување на општините и животната средина во Куманово, Велес, Штип, Струмица, Охрид/Струга (прво читање).

Република Македонија и ЕБОР склучија договор за кредит во износ од 20.800.000 ЕВРА на 22.09.2000 година. Проектот имаше за цел да го реши и третманот на отпадните води и да го намали загадувањето на животната средина во шест општини. Крајни корисници на кредитот се јавните претпријатија за водоснабдување во следните општини: ЈП Водовод- Куманово, ЈКП Дервен-Велес, ЈП Исар- Штип, ЈПКД Комуналец- Струмица и МЈП Проаква- Охрид/Струга. Согласно член 5 од постојниот Закон, кредитот од ЕБОР треба да го отплаќаат наведените јавни претпријатија од приходите кои ги остваруваат. За таа цел Министерството за финансии склучи проектни (под) договори за заем со проектните претпријатија и општините.

Комисијата со пет гласа „за” и три „воздржани” заклучи дека Предлогот на закон за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија со кредит кај ЕБОР, по Договорот за Проектот Акциона програма за унапредување на општините и животната средина во Куманово, Велес, Штип, Струмица, Охрид/Струга е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

На оваа седница беше разгледан уште Предлогот на закон за дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (прво читање).

Г-дин Рамизи истакна дека предложените законски измени се со цел подобрување на положбата на земјоделците, зголемување на нивните приходи, подобрување на нивната социјална стабилност, што во одредена мера ќе придонесе и за намалување на трговскиот дефицит и ќе ги подобри конкурентните позиции на нашите производители на меѓународните пазари.

Воведувањето на оваа мерка се очекува да придонесе и во намалувањето на проблемите настанати поради недостигот на парични средства кај водостопанските претпријатија со оглед на незадоволителното ниво на наплата од страна на овие претпријатија, со што ќе се придонесе кон подобрување на финансиската издржливост кај овие претпријатија.

Одредбата од Законот со која е пропишано дека врз прометот и увозот на вода за пиење од јавните системи за снабдување и одведување на урбаните отпадни води се применува повластена даночна стапка од 5%, ќе се дополни со одредба со која ќе се пропише дека оваа повластена стапка ќе се применува и врз прометот и увозот на вода за  наводнување на земјоделското земјиште.

Комисијата едногласно заклучи дека  Предлогот на закон за дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click