Активности



Четврток, 24 септември 2009 година

Триесет и трета седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Триесет и третата седница, одржана на 15,16,17,18 и 22 септември 2009 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година.

Воведно образложение по Ребалансот даде министерот за финансии, м-р Зоран Ставрески, кој нагласи дека македонската економија во 2009 година, како и другите економии во светот, се соочи со економската криза, која остави последици врз намалувањето на побарувачката на производи од македонските  фирми, а тоа пак имаше одраз на нивното производство.

Во првата половина од годината индустриското производство во Република Македонија оствари негативна стапка на раст од 13,3%. За БДП сè уште не се објавени податоците од Државниот завод за статистика за вториот квартал, а очекувањата се дека тој ќе биде негативен. Секако дека овие остварувања имаа влијание и врз перформансите на Буџетот.

Во светската економија  во месец август има одредени позитивни придвижувања и се очекува излезот од рецесија на европската економија да биде позитивен импулс за постепено излегување од рецесијата на македонската економија. 

Врз основа на остварените резултати од првите седум месеци од оваа година, од информациите на Државниот завод за статистика, како и од Еуростат за движењата во европските економии, Министерството за финансии и Владата сметаат дека економскиот раст во 2009 година треба да се ревидира со проектирана стапка на пад на БДП за цела година од 0,6%. Во последниот квартал од годинава се очекува позитивна стапка на раст, која се предвидува да изнесува над 1%-1,5% и тоа ќе помогне во целина падот да се ублажи, односно последиците од светската криза да бидат помали врз македонската економија. Инфлацијата се предвидува да остане на ниско ниво блиску до 0%.       

Министерот за финансии истакна дека перформансите на македонската економија беа потпомогнати со добрата кондиција во која што македонските компании влегоа во оваа криза. Имено, со намалувањето на даноците на 10%, намалувањето на стапките на социјалните придонеси од почетокот на 2009 година од 32% на 28% и нултата стапка на данокот на добивката доколку таа се реинвестира, помогнаа да се намалат трошоците на македонските фирми и тие врз основа на пониски трошоци да можат да опстанат во овие тешки времиња. Секако дека и останатите антикризни мерки, донесени од страна на Владата при крајот на 2008 година и во почетокот на 2009 година, помогнаа да биде помал падот на економската активност. 

Како основни причини за Ребалансот, министерот ги наведе остварувањата во реалниот сектор и потребата буџетската политика и Буџетот да се прилагодат на состојбите во реалната економија и определбата на Владата да не дозволи зголемување на буџетскиот дефицит над проектираното ниво од 2,8% од БДП, бидејќи тоа е оптимално ниво кое нема да ја загрози макроекономската стабилност, пред сè стабилноста на девизниот курс, цените и платниот биланс. Значајно е во кризни времиња фискалната политика да го најде вистинскиот баланс меѓу потребата од една страна да влијае позитивно врз економската стабилност, преку одржување на ниско ниво на дефицит, а од друга страна да не биде тоа ниво прениско, со цел фискалната политика да не предизвика дополнително продлабочување на рецесијата.

Комисијата со 7 гласа „за“ и 3 „против“, согласно член 180 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, заклучи дека е потребно Владата да подготви Дополнет предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година, кој претставува нов интегрален текст во кој ќе ги вгради амандманите со кој се согласил претставникот на Владата на седницата на Комисијата.

Click