Активности



Среда, 29 јули 2009 година

Триесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

На Триесеттата седница, Комисијата за финансирање и буџет, како матично работно тело, го разгледа Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем по Проектот за условени парични трансфери, по скратена постапка.

Воведно образложение по поднесениот закон даде г-дин Недим Рамизи, заменик на министерот за финансии. Тој истакна дека во согласност со четиригодишната Стратегија на Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка за партнерство со Република Македонија за периодот 2007 - 2010 се предлага закон за задолжување на Република Македонија со заем во износ од 19,3 милиони евра за да се овозможи реализација на Проектот за условени парични трансфери. Основна цел на овој Проект е да се намали сиромаштијата на ранливите групи преку условување на постоечките парични надоместоци со одредено однесување, како што е посета на средно образование. 

Условите под кои ќе биде доделен заемот се рок на отплата 25 години со вклучен грејс-период од 7 години и ЛИБОР-каматна стапка со варијабилен распон, како и подеднакви износи на отплата кои ќе се плаќаат двапати во годината, почнувајќи од 15 септември 2016 година, заклучно со 15 март 2034 година. Заемот ќе се отплаќа семестрално, секој 15 март и 15 септември во годината. 

Во претресот учествуваа пратениците Јован Манасијевски, Марјанчо Николов, Владанка Авировиќ, Борислав Стојменов и  Миле Андонов.

Во расправата беа поставени повеќе прашања во однос на условите под кои ќе се користи заемот и очекуваните реални ефекти од овој  проект, при што заменикот на министерот даде дополнителни дообјаснувања.

Комисијата со мнозинство гласови заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го донесе Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светската банка по Договорот за заем по Проектот за условени парични трансфери, по скратена постапка.

Click