Активности



Среда, 15 јули 2009

Европската комисија препорача укинување на визите за Македонија

На денешната прес-конференција во Брисел заменик-претседателот и министер за правда Жак Баро и еврокомесарот за проширување на ЕУ Оли Рен ја соопштија препораката на Европската комисија за укинување на визите за граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора од 1 јануари 2010 година.

„Сметам дека ова е многу важен ден за луѓето на Западен Балкан, но и за ЕУ”, изјави еврокомесарот за проширување г-дин Рен, истакнувајќи дека му причинува големо задоволство да го предложи укинувањето за визниот режим за Македонија, Црна Гора и Србија.

Г-дин Жак Баро посочи дека одлуката да се препорача симнување на шенгенската бариера е резултат на исполнувањето на условите поставени во патоказот во рамки на процесот за визна либерализација кој беше презентиран во првата половина на 2008 година, а со кој се бараше воведување биометриски пасоши, добро управување со границите и глобалните миграции, резултати во борбата против организираниот криминал, корупцијата и трговијата со луѓе и почитување на човековите права.

Баро посочи дека Македонија, брз основа на  оценките од експертите на Европската комисија, постигнала најдобри резултати во исполнување на критериумите.

Во однос на Албанија и Босна и Херцеговина, беше истакнато дека тие сe уште не ги исполнуваат потребните услови и дијалогот во рамки на процесот на визна либерализација продолжува, додека за Косово дека тој не е дел од дијалогот за визна либерализација и останува во рамки на постојниот визен режим.

Со укинувањето на визите, македонските граѓани ќе можат да патуваат слободно во земјите-членки на Европската унија со исклучок на Велика Британија и Ирска кои не се дел од шенген-зоната. Безвизниот режим ќе се однесува и на Швајцарија, Норвешка и Исланд кои не се членки на ЕУ, но се дел од шенгенскиот договор.

Останува уште предлогот да биде одобрен од земјите-членки на ЕУ, по неопходните консултации со Европскиот парламент.

Click