Активности



Вторник, 3 ноември 2009 година

Уставниот суд на Чешка го одобри Лисабонскиот договор – се чека само уште потписот на чешкиот претседател Вацлав Клаус

Чешкиот Уставен суд објави дека Лисабонскиот договор е целосно во склад со Уставот на Чешката Република, по што недостасува само уште потписот на претседателот на оваа земја, г.Вацлав Клаус, за тој конечно да биде ратификуван од сите 27 земји-членки на Европската унија.

Минатата година Уставниот суд на Чешка разгледа делови од Лисабонскиот договор, а потоа двата дома на чешкиот парламент гласаа „за“ овој Договор. Сепак, на крајот од септември, 17 чешки сенатори поднесоа ново барање до Уставниот суд на земјата да се провери дали некои дополнителни делови на Договорот од Лисабон се компатибилни со чешкиот Устав. Покрај тоа, чешкиот претседател побара на земјата да ѝ биде дозволено да се присоедини кон истиот протокол кој го имаат Обединетото Кралство и Полска во однос на Повелбата на основните права. Минатиот четврток во Европскиот совет, шефовите на државите и владите од ЕУ се договорија да го прифатат  барањето на Чешката Република, па сега останува да се почека само уште потписот на чешкиот претседател. 

Доколку Договорот од Лисабон биде потпишан во ноември, тој може да стапи на сила на 1 декември годинава.

Целта на Лисабонскиот договор, кој на 13 декември 2007 година беше потпишан од претставниците на сите 27 земји-членки на ЕУ, е да ја реформира Унијата и да ја подготви за идни проширување. Исто така тој претставува и Повелба за основните права на ЕУ и станува правно задолжителен.

Со него се менува начинот на донесување одлуки во Советот на ЕУ, се зголемува улогата на Европскиот парламент во законодавниот процес, се намалува бројот на членови на Европската комисија од 27 на 18 и се предвидува воведување на функцијата претседател на Европскиот совет, кој ќе има задача да обезбеди континуитет на работата на Советот и да промовира консензус меѓу сите членови.

Click