Активности



Четврток, 28 мај 2009 година

На заседанието на ПС на НАТО во Осло доминираше темата за Авганистан

Делегација на Собранието на Република Македонија учествуваше на пролетното заседание на ПС на НАТО што се одржа од 22 до 26 мај  2009 година во Осло, Норвешка. Делегацијата ја сочинуваa пратениците: Талат Џафери, шеф на делегацијата, Џемаил Јашари и Павле Трајанов, заменици-членови на делегацијата.

На заседанието во Осло доминираше темата за Авганистан за што  претседателот на ПС на НАТО, Џон Танер, побара пратениците да помогнат во градење на јавната поддршка во нивните земји за ИСАФ мисијата во Авганистан, потоа тимски да дејствуваат со поделени обврски и двојно да ги зголемат нивните напори за поддршка на оваа мисија. Тој порача земјите што не можат да ги извршат воените задачи треба повеќе да се вклучат во реконструкцијата на земјата.

Пратениците се осврнаа и на новиот стратешки концепт на НАТО со тоа што дадоа целосна поддршка за негова промена, имајќи предвид дека стратешкото опкружување и самиот НАТО се многу променети од кога е одобрен сегашниот стратешки  концепт, донесен пред 10 години.

Се  дискутираше и за насилството врз жените и девојките за време на војна со нагласување дека ова прашање не е само полово прашање, туку пред се важно безбедносно прашање, кое треба да се третира како екстремно ургентно, имајќи го предвид прашањето на проширување на овој феномен како еден од најбруталните криминали  за време на војна. Пратениците се заложија  меѓународната заедница да ги здружи силите и да преземе акција за да го заштити цивилното население.

Проширувањето на НАТО се смета за едно од најуспешните активности и тој процес ќе продолжи и во иднина. Во таа насока се креираше НАТО ПС - Грузија  меѓупарламентарен совет.

Парламентраното собрание на НАТО ги осуди нуклеарните проби на Северна Кореја и побара таа да се врати на преговарачка маса и да работи на изнаоѓање решение што ќе ја подобри безбедноста на Корејскиот полуостров и во поширокиот регион.                       

На заседанието учествуваа околу 300 пратеници од земјите-членки на НАТО и партнерските земји кои дискутираа за многу важни меѓународни безбедносни прашања.

Click