Активности

Петок, 17 септември 2010 година

Дванаесетта седница на Комитетот за односи меѓу заедниците

Комитетот за односи меѓу заедниците, денеска, на својата Дванаесетта седница, расправаше за Имплементацијата на Националните акциони планови од Стратегијата и Декадата за Ромите во Република Македонија.

На седницата освен претседателот и членовите на комитетот, присуствуваа Н.Е. Жан Клод Шлумберже, амбасадор на Република Франција во Република Македонија, г. Џељаљ Бајрами, министерот за труд и социјална политика, г. Неждет Мустафа, министерот без ресор во Владата на Република Македонија, г. Иџет Мемети, народен правобранител, г-ѓа Весна Бабиќ-Петровски, директор на  Агенцијата за остварување на правата на заедниците, претставници на амбасадата на САД во Република Македонија, претставници на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, претставници на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, претставници на Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија, претставници на НДИ, како и  претседателите на регистрираните партии на ромската заедница и претставници на неколку ромски невладини организации.

Комитетот на оваа седница го одбележа својот јубилеј, односно седумгодишното постоење од 18 септемри 2003 година, кога се одржа првата седница на првиот комитет. Воедно на седницата се нагласи дека Комитетот за односи меѓу заедниците на 11 јули 2005 година ја разгледа Стратегијата за Ромите во Република Македонија и едногласно  донесе Мислење кое го достави до  Собранието на Репулика Македонија.

На  седницата, комитетот заклучи во продолжението на оваа седница да се усвојат соодветни заклучоци или евентуално Мислење.
Click