Активности

Среда, 10 февруари 2010 година

Дваесет и седма седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и седмата седница, одржана на 9 февруари 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување на Законот за тутун и тутунски производи (второ читање).

На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Љупчо Димовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Претседателот на Комисијата ги извести пратениците дека во определениот рок, утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, поднесени се вкупно два амандмани по Предлог-законот. Амандманите се повлечени од претставниците на предлагачите.

Врз основа на член 149 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го поднесе следниот амандман - во членот 1 ставот 2 се брише.

Со предложеното решение во Предлог-законот се предвидува рокот за графичка имплементација на кутиите од цигари, која ќе предупредува за штетноста од пушењето, да се продолжи за три месеци.

Со ставот 2 на истиот член се предвидува рокот за повлекување на цигарите без графичка имплементација да биде ист со рокот за производство, што значи на производителите не им останува време кога да ги продадат произведените цигари.

Со бришењето на ставот 2 од Предлогот за изменување на Законот за тутун и тутунски производи останува постојното законско решение во кое се дава рок од три месеци да се продадат цигарите произведени без графичка имплементација.

Постојното законско решение овозможува пролонгирање на рокот од 3 месеци што всушност е целта на овој закон, а тоа значи дека тутунските производи можат да останат во промет уште 3 месеци по истекот на рокот од став 1 на овој член.

Амандманот е едногласно усвоен.

Комисијата едногласно заклучи Предлогот на закон за изменување на Законот за тутун и тутунски производи (второ читање), да го проследи на натамошна постапка на Собранието на Република Македонија.


Click