Активности

Вторник, 23 февруари, 2010 година

Дваесет и осма седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и осмата седница, одржана на 22 февруари 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за вино (прво читање).

На седницата во својство на претставник на Владата на Република Македонија присуствуваше г. Перица Ивановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Тој во своето образложение истакна дека има потреба од имплементација на европските стандарди во производството и прометот на вино, кои ќе се остварат со донесување на овој закон и ќе се оствари основната цел и задача на Република Македонија - да го усогласи домашното со европското законодавство.

Заменик-министерот посебно ја образложи содржината на Предлог-законот, посочувајќи ја политиката за одгледување на виновата лоза, квалитетот на производите од грозје, националната стратегија, регистарот на сорти на лозови насади, квалитетот и потеклото на виното и на крајот дефинирајќи ги казнените одредби за прекршување на законот.

Во дискусијата по Предлогот на закон за вино учествуваа пратениците: г. Јован Гинев, г. Васко Шутаров, г. Панче Дамески, г. Никола Ќуркчиев, г. Ванчо Коцев, г. Горан Сугарески, г. Миле Андонов и г. Живко Пејковски.

По завршување на расправата по Предлог-законот, Комисијата со 2 гласа „воздржани“ и 7 гласа „за“ го усвои следниот заклучок:

Од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство оцени дека Предлог-законот е прифатлив и дека треба да се даде на натамошно читање.

 

 
Click