Активности



Понеделник, 1 март 2010 година

Дваесет и деветта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 29. Седница, одржана на 24 февруари 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за земјоделство и рурален развој (прво читање).

Во својство на претставник на Владата на Република Македонија на седницата присуствуваше г. Перица Ивановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Тој го образложи Предлог-законот за земјоделство и рурален развој, истакнувајќи дека овој закон е клучен системски закон од оваа гранка и дека постоечкиот закон треба да се замени заради потребата од понатамошното усогласување со законодавството на Европската унија во делот имплементација на директните плаќања и поддршка во делот на руралниот развој, како и контролата за истите. 

Заменик-министерот напомена дека целосно нови области кои се уредуваат со овој закон се државната помош и организациите на производителите. Со овој закон се врши усогласување со петнаесет регулативи на Европската унија, кои во најголем дел се однесуваат на уредување на планирањето на земјоделската политика, имплементацијата и генерално поддршката на руралните средини. 

Законот се состои од дванаесет глави. Првата глава ги регулира општите одредби, втората - делот на планирање следење и проценка на земјоделската национална политика, третиот дел се однесува на содржините на секторското партнерство, во четвртата глава се политиките за уредување и поддршка на пазарите за земјоделски производи, петтата глава е  политиката на директни плаќања, шестата е политиката за рурален развој, во седмата глава е државната помош за земјоделството, во осмата глава се содржани формите на здружување, деветтата се однесува на контролата, десеттата на надзорот, единаесеттата глава е составена од прекршочни одредби, а во дванаесеттата се преодните и завршни одредби.

Во дискусијата учествуваа пратениците: г. Јован Гинев, г. Марјанчо Николов, г. Живко Пејковски, г. Никола Ќуркчиев, г. Панче Дамески, г. Цветан Трипуновски, г. Феми Јонузи и г. Мартин Трајчев, претставник од Федерацијата на фармери на Република Македонија. 

По завршување на расправата, Комисијата со 6 гласа „за“ и 2 „воздржани“ го усвои следниот заклучок:

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлогот на закон за земјоделство и рурален развој (прво читање), од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија оцени дека Предлог-законот е прифатлив и дека треба да се даде на натамошно читање.

Click