Активности



Среда, 10 март 2010 година

Триесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на Триесеттата седница, одржана на 5 март 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за дополнување на Законот за здравјето на растенијата (прво читање).

На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Перица Ивановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Потреба од донесување на Предлог-законот и целта што треба да се постигне, ја образложи г. Перица Ивановски, кој нагласи дека примарната цел на ова дополнување е имплементирање на Европската директива 2000\29 и дека со ова дополнување ќе се формира рамка за донесување на подзаконски акти и за дополнување на листата за штетни организми и бактерии и други штетници на растенијата.

Претставникот укажа дека оваа листа ќе биде вовед во системот на мониторинг на штетници и системот за пасоши на растенијата што воедно  е приоритет на Фитосанитарната управа за заштита од штетниците.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците: Јован Гинев, Васко Шутаров, Панче Дамески и  Никола Ќуркчиев.

По завршување на расправата, Комисијата едногласно го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлогот на закон за дополнување на законот за здравјето на растенијата и оцени дека е прифатлив и дека треба да се даде на натамошно читање.

 


 

Click