Активности

Петок, 26 февруари 2010 година

Триесет и седма седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на својата Триесет и седма седница, одржана на 22 февруари 2010 година, како матично работно тело ги разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва (прво читање) и Предлогот на закон за надзор на пазарот (прво читање).                                   

Образложение на Предлог-законите даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков. 

Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва, заменик-министерот истакна дека со предложените измени и дополнувања се врши интервенција во две клучни области, и тоа во делот на усогласувањата коишто важат во ЕУ и во делот на подобрување на функционирањето на пазарот, посебно во делот на основањето и управувањето со нови и постоечки трговски друштва.

Во делот на усогласувањето за законодавството на ЕУ, заменик-министерот истакна две клучни целини коишто се предвидени во овој Предлог на закон и кои се предлагаат да бидат усвоени како изменувања и дополнувања на веќе постојниот закон за трговски друштва. 

Во првиот дел станува збор за усогласување на сите одредби во делот на ревизијата и сметководственото работење со оние одредби коишто важат во ЕУ. Покрај терминолошките усогласувања, се вршат и усогласувања и во делот на постапките коишто треба да се следат во делот на внатрешната ревизија. 

Втората целина се однесува на воведување на ново поглавје во постојниот закон, а се однесува на прекуграничното спојување на трговските друштва. Тоа всушност претставува спојување на трговските друштва од Република Македонија со друштва од ЕУ. 

Покрај усогласувањето со овие две целини, се нуди и едно дополнување, односно подобрување на веќе постоечките одредби коишто постојат во делот на физичките и правните лица коишто имаат можност да формираат трговско друштво и со истото да можат да управуваат.

Врз основа на член 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата со мнозинство гласови оцени дека  Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Во однос на Предлогот на закон за надзор на пазарот,  заменик-министерот за економија истакна дека со донесувањето на овој закон произлезе општа рамка во која се дадени сите принципи и постапки кои треба да се направат, а со цел добра и ефикасна координација на сите државни органи задолжени за надзор на пазарот во делот на остварување на своите законски одредби.

Со него се предвидува подобрување на координацијата меѓу државните органи кои работат на контрола на безбедноста и квалитетот на производите кои се пласираат на пазарот на Република Македонија.

Станува збор за нов закон кој за прв пат се донесува и е дел од обврските кои ги има преземено Република Македонија во делот на пристапување кон Европската Унија.

Со законот се предвидува донесување на Програма за координација и спроведување на ефективни мерки за надзор на пазарот, којашто Владата на Република Македонија треба да ја донесе во рок од шест месеци од донесување на законот.

Исто така се предлага формирање на координативно тело од сите надлежни институции кое ќе врши мониторинг од самиот влез на производите во Република Македонија.

Во Предлог-законот е опфатен и начинот на постојано информирање на Европската комисија во врска со евентуалното појавување на производи кои можат да бидат опасни по безбедноста и животот на граѓаните и заштитата на животната средина.

По завршувањето на расправата Комисијата со мнозинство гласови заклучи дека Предлогот на закон за надзор на пазарот е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.
Click