Активности



Вторник, 8 јуни 2010 година

Триесет и седма седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 37. Седница, одржана на 7 јуни 2010 година, како заинтересирано работно тело, го разгледа Предлогот на закон за ратификација на Ротердамската конвенција за постапка за претходно добивање на согласност за одредени опасни хемикалии и пестициди во меѓународниот промет.

Седницата ја отвори и со неа заседаваше претседателот на Комисијата, г. Никола Ќуркчиев. Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците Панче Дамески, Никола Ќуркчиев и Васко Шутаров.

На седницата, во својство на повереници на Владата на Република Македонија, присуствуваа г. Горан Стевчевски, државен советник во Министерството за надворешни работи, г-ѓа Лендита Дика, државен советник во Министерството за животна средина и просторно планирање и г. Нако Николовски, претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во образложението по Предлог-законот, г. Стевчевски укажа на фактот дека Ротердамската конвенција има за цел да ги ограничи користењата на одредени штетни хемикалии и пестициди кои се употребуваат за заштита на растенијата.

Тој истакна дека целта на Конвенцијата е да им помогне на земјите во транзиција и земјите во развој за контролирана употреба на хемикалиите и пестицидите во процесот на производство на храна, а со тоа да го заштити човековото здравје и животната средина од прекумерна употреба на истите, како и отстранување на опасноста од складирање на застарени штетни пестициди и хемикалии.

По завршување на расправата, Комисијата едногласно го усвои следниот заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, како заинтересирано работно тело, го разгледа Предлогот на закон за ратификација на Ротердамската конвенција за постапка за претходно добивање на согласност за одредени опасни хемикалии и пестициди во меѓународниот промет и го поддржа во предложениот текст.
Click