Активности



Петок, 11 јуни 2010 година

Триесет и осма седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 38. Седница, одржана на 10 јуни 2010 година, како матично работно тело во прво читање ги разгледа: Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за пасиштата, Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за сточарството и Предлогот за изменување и дополнување на Законот за вршење на земјоделска дејност.

Седницата ја отвори и со неа заседаваше претседателот на Комисијата, г. Никола Ќуркчиев.

Во својство на претставник на Владата на Република Македонија, на седницата присуствуваше г. Перица Ивановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците Панче Дамески, Никола Ќуркчиев и Васко Шутаров.

Заменик-министерот ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Тој особено нагласи дека предложените измени кои се донесени како резултат од разговорите со бизнис-заедницата во Република Македонија се наменети за потребата од подобрување на бизнис-климата, односно дека се конкретни мерки за намалување на казнените политики и глобата, задржувајќи се конкретно на областа на земјоделството, шумарството и водостопанството.

Претставникот на Владата ги истакна заложбите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да се намалат глобите за 30-50%, што е во духот на политиката на Владата на Република Македонија.

Заменик-министерот најави дека во законот е воведена постапка за едукација која ќе ја спроведува Државниот инспекторат за земјоделство и истата нема да има материјални обврски за субјектите без финансиски импликации во Буџетот на Република Македонија, заради тоа што постапката ќе ја спроведуваат вработените лица во Државниот инспекторат и таа ќе биде составен дел од нивните работни обврски и задачи.

Претставникот на Владата на крајот ја информира Комисијата дека подзаконските акти ќе бидат донесени во што пократок временски рок со цел законот да биде разбирлив и во пракса применлив.

Господин Ивановски укажа дека истото образложението дадено за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пасиштата се однесува и на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за сточарството и на Предлогот за изменување и дополнување на Законот за вршење на земјоделска дејност.

По завршување на расправата, Комисијата едногласно го усвои следниот ЗАКЛУЧОК:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ги разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за пасиштата (прво читање), Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за сточарството и Предлогот за изменување и дополнување на Законот за вршење на земјоделска дејност и оцени дека Предлог-законите се прифатливи и дека треба да се дадат на натамошно читање.
Click