Активности



Петок, 27 август 2010 година

Четириесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на Четириесеттата седница, како матично работно тело во прво читање го разгледа Предлогот на закон за квалитет на земјоделски производи.

На седницата во својство на претставник на Владата на Република Македонија присуствуваше г. Перица Ивановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците: г. Феми Јонузи, г. Панче Дамески, г. Васко Шутаров, г. Живко Пејковски и г. Никола Ќуркчиев, како и г-ѓа Марија Ѓошева-Ковачевиќ, како претставник од Федерација на фармери на Република Македонија.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Тој особено нагласи дека со Предлог-законот се врши усогласување на домашното со европското законодавство, што е и политика на Владата во целина. Претставникот на Владата посебно ја истакна суштинската содржина на законот којашто се темели на стандардите усвоени и применети во регулативата на Европската Унија, особено за храната од животинско потекло.

На крајот, претставникот на Владата ја нагласи потребата во најкус можен рок да се донесат подзаконски акти со цел за целосна примена на законот во пракса, а при што ќе бидат ангажирани и консултирани релевантни субјекти и институции.

По завршување на расправата по Предлог-законот, Комисијата едногласно го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлогот на закон за квалитет на земјоделски производи (прво читање) и оцени дека Предлог-законот е прифатлив и дека треба да се даде на натамошно читање.

     
Click