Активности

Понеделник, 28 јуни 2010 година

Четириесет и четврта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на својата Четириесет и четврта седница, одржана на 25 јуни 2010 година, како матично работно тело ги разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на занаетчиската дејност (прво читање), Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за угостителската дејност, прво читање и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија (прво читање).

Образложение на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на занаетчиската дејност, даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков.

Тој истакна дека измените и дополнувањата на овој Закон произлегуваат од бројните контакти коишто Владата на Република Македонија ги имаше со бизнис заедницата, стопанските комори, здруженијата и други чинители на економскиот и реалниот сектор во земјата. 

Како резултат на тоа, беше направен еден преглед на повеќе мерки и активности коишто треба да бидат разгледани и преземени, а истовремено би довеле до бројни подобрувања на бизнис климата во Република Македонија. Овие измени се однесуваат во делот на унапредувањето на казнената политика. Суштинските измени коишто се прават, се во две насоки и се однесуваат на подобрување и унапредување на казнената политика. 

Заменик-министерот за економија истакна дека се работи за еден вид на намалување на глобите и казните којшто се изрекуваат за одредени прекршоци и тоа на правните лица, одговорните физички лица, трговците поединци, односно сите учесници на пазарот. 

Од друга страна, се врши и надополнување на казнената политика, односно се врши класификација во најголем дел на казнените одредби и на сите прекршоци коишто се предвидени во овој Закон. 

Инаку, класификацијата на овие казнени одредби е во три категории. Првата категорија се однесува на најлесниот вид прекршоци за кои би се презеле разни едукативни мерки како во иднина истите не би се повторувале. Втората категорија се однесува за преземање на мерки за посериозни прекршоци кадешто се предвидуваат и повисоки казни. Третата категорија на казни ги опфаќа прекршоците за коишто ќе одлучуваат надлежните судови.

Заменик-министерот за економија истакна дека со овие три класификации ќе се подобри  системот, односно ќе се изврши систематизација на казните со што ќе се намали неизвесноста и несигурноста на бизнис заедницата во делот на прекршочните одредби. Тој истакна дека со овој вид на рационализација, односно подобрување на прекршочната политика ќе се унапреди и истовремено подобри казнената политика во Република Македонија.

Главната цел не се однесува само на санкционата политика, туку со ова се врши надополнување со еден вид на мотивациска и едукативна улога којашто би ја имала оваа казнена политика, особено во делот на помалите прекршоци.

На крајот од своето излагање, заменик-министерот за економија истакна дека  Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на занаетчиската дејност треба да биде прифатен и да биде земен на понатамошно разгледување.

По завршувањето на расправата, Комисијата едногласно заклучи дека  Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на занаетчиската дејност, Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за угостителската дејност, Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click