Активности



Вторник,  6 јули 2010 година

Четириесет и петта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на 5 јули 2010 година ја одржа својата Четириесет и петта седница.

Комисијата како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, по скратена постапка;
  2. Предлогот на закон за Европско друштво (второ читање);
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на занаетчиската дејност (второ читање);
  4. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија (второ читање);
  5. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за угостителската дејност (второ читање).

Во претресот на предложените амандмани учествуваше заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков.

- По Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, Комисијата за економски прашања го претресе амандманот по членот 1 со кој се предлага додавање на нов став 3, и истиот не го усвои.

- Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, по Предлогот на закон за Европско друштво не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Заменик-министерот за економија во својата дискусија истакна дека сите одредби коишто се дефинирани во овој Предлог на закон ќе почнат да се применуваат со влегувањето на Република Македонија во ЕУ и сите работи коишто се истакнати во законот го намалуваат преостанатиот дел којшто треба да се спроведе и тоа во однос на правото на трговските друштва каде што изминатите години имаше голем успех.

Со донесувањето на овој закон, Република Македонија е многу близу во однос на усогласувањето и хармонизацијата во однос  на Законот за трговските друштва.

Во однос на местото каде што е регистрирана компанијата, заменик-министерот истакна дека се направени многу анализи од аспект истата да го менува своето место на основање, односно регистрација, без да имаат обврска да одат во ликвидација.

На крајот на своето излагање, тој истакна дека ќе се следат сите регулативи коишто се однесуваат на прекуграничното спојување и на можностите за основање на европски друштва.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на занаетчиската дејност, во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, беа поднесени 11 амандмани од кои 8 не беа усвоени, а три беа повлечени од овластени предлагачи.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, Комисијата ги претресе и не ги усвои предложените четири амандмани.

- Комисијата за економски прашања во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија ги претресе и не ги усвои трите амандмани од овластени предлагачи по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за угостителската дејност.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања, петте Предлог-закони ги проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click