Активности

Петок, 3 септември 2010 година

Четириесет и шеста седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на 2 септември 2010 година, ја одржа својата Четириесет и шеста седница.

- Како матично работно тело, Комисијата го разгледа Предлогот на закон за државната помош, прво читање. Образложение на Предлогот на закон даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков.

Тој истакна дека овој Предлог-закон има за цел да обезбеди слобода на пазарот и претприемништвото како темелна вредност на Уставот на Република Македонија, законитост и ефикасност во постапувањето на Комисијата за заштита на конкуренцијата, како и ефикасен надзор над функционирањето на пазарите, со цел спречување на нарушување на конкуренцијата и создавање услови за непречено функционирање на ефективната пазарна конкуренција.

По завршувањето на расправата, Комисијата со мнозинство гласови заклучи дека  Предлогот на Закон за државната помош е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Комисијата го разгледа и Предлогот на Закон за заштита на конкуренцијата, прво читање. Во образложението, заменик-министерот за економија истакна дека основната цел за негово донесување е понатамошното хармонизирање на законодавството за заштита на конкуренцијата  во Република Македонија со соодветното законодавство на Европската Унија, како и подобрување на ефикасноста на постапката на Комисијата за заштита на конкуренцијата при спроведувањето на досегашното законодавство за државна помош во Република Македонија, со цел поттикнување на економската ефикасност.

По завршувањето на расправата, Комисијата едногласно заклучи дека  Предлогот на Закон за заштита на конкуренцијата е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција (по скратена постапка),  д-р Методиј Хаџи-Васков истакна дека неговата цел е потребата од поефикасно работење на техничката инспекција.

Предложените измени на законот содржат неколку решенија. Се дополнуваат одредби со кое се овозможува на странски независни правни лица акредитирани од земјите-членки на Европската унија или земјите-кандидатки за членство во ЕУ, но под услов нивните акредитациони тела во соодветната област да се потписнички на Договорот за меѓусебно признавање на акредитацијата, да може да вршат техничка инспекција.

Заменик-министерот за економија истакна дека со овие одредби ќе дојде до подобрување на пазарот, односно можност економските субјекти да имаат поголем избор во делот на независните правни лица коишто ќе можат да бидат ангажирани за испитување на технички прегледи на опремата којашто би била инсталирана.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

По завршувањето на расправата, Комисијата заклучи овој Предлог-закон да го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Маедонија.

- На истата седница, Комисијата уште го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика (по скратена постапка).

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања заклучи  Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.
Click