Активности

Четврток, 30 септември 2010 година

Четириесет и осма седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на 29 септември 2010 година ја одржа својата Четириесет и осма седница.

- Како матично работно тело, Комисијата го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини (прво читање).

Образложение на овој Предлог-закон даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков. Тој ги потенцираше петте клучни области коишто се менуваат и дополнуваат со овој закон. 

Првата го опфаќа издавањето на лиценците за изготвување на геолошката документација и рударските проекти; втората е допрецизирање на начинот на вршење на ревизијата врз геолошката документација; третата измена е во делот на управувањето на обврската на концесионерите да вршат одржување, односно управување со јаловиштата, хидројаловиштата и со сите делови каде што постојат одлагалишта на јаловината од рудниците, односно сите непотребни материјали добиени со минерална технологија; четвртата одредба којашто се менува се надоврзува на претходните измени коишто беа во законот за минерални суровини донесени во јануари 2010 година, а кои се однесуваат за пролонгирање на рокот за доставување на барањата за добивање на концесии за експлоатација од страна на бањите и од производителите на пакувана вода, а петтата измена се однесува на казнената политика. 

По завршувањето на расправата, Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за минералните суровини е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Комисијата го разгледа и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија (прво читање), во врска со кој д-р Хаџи-Васков истакна дека станува збор за три суштински промени. 

Една од клучните измени на овој закон е отстранување на бариерите коишто во моментот се присутни и тоа во делот на потенцијалната трговија со земјите-членки на ЕУ во однос на квантитативните ограничувања и мерките коишто имаат еквивалентен третман на квантитативното ограничување. Истовремено, се врши целосна либерализација на трговијата во однос на делот на стоките и услугите каде што има одредени лиценци. 

Вториот дел каде што се врши усогласување на постоечкиот Закон за трговија е директивата за услуги 123 од 2006 година и тука практично се врши усогласување на издадените лиценци и дозволи. 

Третата измена се однесува на поедноставувањето и намалување на трошоците за намалување на роковите за издавање на лиценци за продажба на алкохолни пијалоци. Целта на интервенцијата којашто се прави е поедноставување на административната процедура за добивање на ваков тип на лиценца за алкохолни пијалоци, а вториот дел се однесува на намалување на цените за продолжување на лиценците откако ќе изине нивниор рок.

Комисијата за економски прашања со мнозинство гласови заклучи дека  Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за трговија е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за контрола  за извоз на стоки и технологии со двојна употреба (прво читање), заменик-министерот за економија истакна дека ова прашање во Република Македонија е регулирано со постојниот Закон каде што се регулира контролата на извозот на стоките и технологиите со двојна употреба. 

Во моментот се контролира извозот на вакви стоки и технологии коишто покрај комерцијалната, може да имаат и друга дополнителна употреба во безбедносните режими или слично. 

Со овие измени и дополнувања се врши усогласување со новата регулатива 428 од 2009 година на Европската унија со којшто се врши преземање на поголемиот број на одредби коишто се донесени од страна на советот за безбедност на Обединетите нации, посебно во делот на засилената контрола, не само на извозот, туку и на транзитот на ваквите технологии и стоки коишто може да имаат двојна употреба и во делот на брокерингот, односно тргувањето со овој вид на технологии. 

Во Предлог-законот има усогласување и со казнената политика, односно класифицирање на прекршоците коишто се предвидени согласно овој Закон и дополнување на постапката во однос на спроведувањето на надзор и контрола на истиот. Покрај Министерството за економија надзорот го врши и царинската управа.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за контрола  за извоз на стоки и технологии со двојна употреба е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Комисијата го разгледа и Извештајот од Законодавно-правната комисија по Предлог на законот за државната помош (второ читање) и го претресе и едногласно го усвои следниот Амандан: Во насловот на Предлог-законот по зборот „за“ се додаваат зборовите „контрола на“.

Комисијата со мнозинство гласови заклучи Предлогот на закон за државната помош да го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

- На истата седница, Комисијата за економски прашања го разгледа уште и Извештајот од Законодавно-правната комисија по Предлог на законот за заштита на конкуренцијата (второ читање) и ги претресе следните Амандани:

1. Во членот 65 став (5) зборовите ги пропишува поблиските услови се заменуваат со зборовите поблиску ги пропишува условите од став (3) од овој член поднесен од Законодавно-правната комисија.

Комисијата едногласно го усвои поднесениот Амандман.

2. Во членот 69 став (1) зборовите една година се заенуваат со зборовите шест месеца, поднесен од Законодавно-правната комисија.

Комисијата едногласно го усвои поднесениот Амандман.

Комисијата со мнозинство гласови заклучи Предлогот на закон за заштита на конкуренцијата да го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.
Click