Активности



Среда, 20 октомври 2010 година

Четириесет и деветта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Четириесет и деветтата седница, вчера, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за Законот енергетика (прво читање).

Образложение на Предлог-законот даде претставникот на предлагачот, министерот за економија, д-р Фатмир Бесими. Тој истакна дека основната цел за донесување на Законот за енергетика е натамошното усогласување со европското законодавство во областа на енергетиката, односно со Директивите и Регулативите на ЕУ, коишто претставуваат основни елементи од правната рамка на Договорот за основање на енергетска заедница, со крајна цел натамошна либерализација на пазарите на енергијата и создавање услови за стабилен и одржлив енергетски сектор.

Со Предлог на законот се уредува правната рамка за вршење на дејностите и се овозможува сигурно, безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија и енергенти, создавање на ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив сектор, поттикнување на конкуренцијата на енергетските пазари, почитувајќи ги начелата на недискриминација, објективност и транспарентност, интегрирање на домашниот енергетски пазар во регионалниот и меѓународниот енергетски пазар, зголемување на енергетската ефикасност, поттикнување на искористувањето на обновливите извори на енергија и заштита на животната средина.

Министерот за економија истакна дека Предлог-законот за енергетика се засновува на начелата на недискриминација, односно исклучување на секаков неоправдан или различен третман на учесниците на пазарот на енергија, транспарентност при вршењето на дејностите од областа на енергетиката од страна на соодветните вршители и ефикасен и недискриминиран пристап до енергетските системи и користење на истите по претходно објавени услови и тарифи. Исто така, беше истакнато дека основните решенија на законот се состојат во овозможување на конкурентност на енергетските пазари и либерализација во снабдувањето со електрична енергија и природен гас, што подразбира избор на потрошувачите со свој снабдувач.

Според него, со решенијата коишто се предлагаат во делот на обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност, ќе придонесат подобрување на сигурноста во снабдувањето со енергија. Министерот за економија, д-р Фатмир Бесими, во своето излагање ги истакна најзначајните измени, а тоа се надградба на моделот на пазарот на електрична енергија, со цел воведување на нови форми на тргување со енергија и реална платформа за конкуренцијата на пазарот, еднаква позиција на сите учесници на пазарот, дополнување и прецизирање на одредбите коишто се однесуваат на непречен пристап на трети страни до енергетските мрежи, дополнувања на надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика, каде што истите се зголемуваат, особено во делот на мониторингот на пазарот и на условите на прекуграничната размена на енергија и јавност на информациите и контролата во работата на регулираните компании, како и нивно допрецизирање. Исто така, како битна измена беше истакнато и допрецизирањето на критериумите и обврските за јавната услуга, квалитетот на снабдувањето со енергија и заштита на крајните потрошувачи.

Во делот на Регулаторната комисија за енергетика, значително се зголемуваат нејзините надлежности согласно законодавството со Европската унија.

Во делот на лиценците, се воведува поголема транспарентност и објективност при одземање во постапка која ја пропишува Регулаторната комисија за енергетика.

Во делот на изградбата на производни енергетски објекти, се воведуваат одредби со коишто се поедноставува постапката и условите за добивање на овластување на изградба и реконструкција на објекти за производство на електрична енергија. Во овој дел се прави јасна разлика помеѓу изградбата на нови системи за пренос и дистрибуција на енергија и енергенти и проширување на постојните системи.

Во делот на пазарот на електрична енергија, направени се значителни измени во однос на правата и обврските коишто ги имаат вршителите на дејностите. Се предвидува целосна либерализација на пазарот на електрична енергија во 2015 година и се издвојува категоријата домаќинства кои остануваат тарифни потрошувачи до истата година.

Во делот на пазарот на нафта и нафтени деривати, направени се измени во насока дека се изоставени одредбите за регулиран пристап на трети страни на нафтоводите продуктоводите. Исто така во овој дел воведена е одредба дека Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе Правилник со кој би се утврдиле цените на нафтените деривати и нивниот транспорт, а Владата на Република Македонија е предвидено да носи уредба во однос на квалитетот на течните горива, како и определување на процентуалната застапеност на биогоривата.

Измени се направени и во делот на топлинската енергија, каде што е предвидена целосна либерализација со снабдувањето, што значи дека крајната цена што ја плаќаат потрошувачите се состои од два дела, и тоа - регулирана набавна цена и маржа за снабдување.

Во делот на енергетската ефикасност, направени се значајни измени имајќи ги во предвид обврските од Договорот за основање на енергетска заедница.

Во делот на обновливите извори на енергија, се воведува изработка на акционен план во кој ќе се утврдат индикативните цели за учество на истите во финалната потрошувачка  и биогоривата во горивата за транспорт до 2020 година.

Во претресот по Предлог-законот учествуваа: претседателот на Комисијата, г. Љубисав Иванов Ѕинго; пратениците г. Јани Макрадули, г. Јован Лазарев, г-ѓа Радмила Шекеринска и г-ѓа Лилјана Поповска; потпретседателот на Владата на Република Македонија, м-р Владимир Пешевски; министерот за економија, д-р Фатмир Бесими; претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, г. Димитар Петров; претставникот од ЗЕЛС; градоначалникот на Општина Чаир, г. Изет Меџити; проф.д-р Рубин Талески од Електротехничкиот факултет од Скопје; г. Ристо Јаневски, претставник од Рафинеријата Окта од Скопје и г-ѓа Јасна Иванова-Давидовиќ, претставник од ЕЛЕМ.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека Предлогот на Закон за енергетика е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click