Активности

Понеделник, 15 февруари 2010 година

Педесет и прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Педесет и првата седница, одржана на 12 февруари 2010 година, како матично работно тело ги разгледа Предлогот на закон за издавање на вредносни бонови-ваучери (прво читање) и Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за Првиот заем за развојна политика - ДПЛ 1 (второ читање)

Воведно образложение по предлог на закон за издавање на вредносни бонови-ваучери, поднесен од пратениците Весна Бендевска, Јани Макрадули, Радмила Шекеринска и Славица Грковска Лошкова, даде пратеникот Јани Макрадули. 

Тој нагласи дека согласно Законот за издавање на вредносни бонови-ваучери (Службен весник на Република Македонија број 124/07, 140/07 и 139/08), на редовните студенти апсолвенти во учебната 2007/08 и 2008/09 им беа доделени ваучери за купување на компјутери. Со цел да се обезбеди еднаков третман и за студентите апсолвенти од учебната 2009/2010 година се предлага донесување на нов закон за издавање на вредносни бонови-ваучери. 

Треба да се има в предвид дека овој Предлог на закон е инициран од апсолвентите кои бараат да им се оствари правото на користење на вредносни бонови за набавка на компјутер, исто како и на апсолвентите од претходните две години. 

Со овој закон се предлага покрај набавување на компјутери и набавка на периферни уреди и софтверски пакети. 

Со предложените решенија се предвидува издавање на вредносни бонови за сите редовни студенти апсолвенти кои се запишале на универзитетите во Република Македонија до 15 ноември 2009 година и студентите кои се евидентирале како лица со посебни потреби. 

Вредноста на еден ваучер изнесува 15.500 денари, а вкупната сума се планира во износ од 200.000.000 денари, која се предвидува да се обезбеди од Буџетот на Република Македонија за 2010 година. 

Поконкретно, пратеникот Макрадули нагласи дека се предлага средствата да се обезбедат од разделот на Министерството за информатичко општество, од Програмата Н, потпрограма НА- Развој и имплементација на ИКТ од ставката 480 Купување на опрема и машини. 

Прифаќањето на ова законско решение би имало позитивни ефекти за апсолвентите кои ќе добијат ваучери, за компјутерските компании кои ќе остварат приходи преку продажбата и за државата,  бидејќи доколку се користат ваучерите за набавка на компјутерски софтверски пакет, би се намалила пиратеријата и би се зголемил процентот на почитување на интелектуалната сопственост и права. 

Со оглед на тоа што на оваа ставка се предвидени средства во износ од 715.000.000 денари, тој смета дека има реални можности и ќе биде многу корисно од овој износ да се обезбедат планираните средства за спроведување на предложениот закон.

Во претресот учествуваа пратениците Владанка Авировиќ, Весна Бендевска и Славица Грковска Лошкова.

Со два гласа „за” и седум „против”, Комисијата за финансирање и буџет заклучи дека Предлогот на закон за издавање на вредносни бонови- ваучери не е прифатлив и не може де се даде на натамашно читање.

Во однос на втората точка, бидејќи не беа поднесени амандмани, Комисијата со 7 гласа „за” и 2 „против” заклучи дека не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за Првиот заем за развојна политика - ДПЛ 1.
Click