Активности



Понеделник, 1 март 2010 година

Педесет и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на 26 февруари 2010 година ја одржа Педесет и втората седница.

Комисијата како матично работно тело  го разгледа следниот Предлог на дневен ред:

  1. Предлог на закон за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА) - (прво читање);
  2. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари (прво читање);
  3. Предлог на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон (прво читање);
  4. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинска тарифа (прво читање);
  5. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинска управа  (прво читање);
  6. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите (прво читање);
  7. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, поднесен од: Станка Анастасова, Миле Андонов, Весна Бендевска, Владо Бучковски, Славица Грковска Лошкова, Менде Диневски, Цветанка Иванова, Игор Ивановски, Јани Макрадули, Горан Минчев, Марјанчо Николов, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Горан Сугарески, Маринела Тушева, Никола Ќуркчиев, Томе Чинговски, Радмила Шекеринска Јанковска;
  8. Предлог на закон за издавање на вредносни бонови-ваучери, поднесен од: Весна Бендевска, Јани Макрадули, Радмила Шекеринска Јанковска, Славица Грковска Лошкова.

Воведно образложение по поднесените Предлог-закони даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

- Во однос на Предлогот на закон за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА), заменик-министерот истакна дека Република Македонија како земја-кандидат за членство во Европска унија е корисник на финансиската помош од инструментот за претпристапна помош (ИПА) за периодот 2007-2013 година, која Унијата ја обезбедува на земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ.

Со предложеното законско решение се предвидува Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош  да ги врши работите на ревизија на системот за имплементација, раководење и контрола на ИПА во Република Македонија.

Со Ревизорското тело ќе раководи главен ревизор за ИПА, кој има  заменик. Главниот ревизор за ИПА и заменикот ќе ги избира и разрешува Владата на Република Македонија.  Мандатот на главниот ревизор и на заменикот ќе биде  девет години, без право на повторен избор. Платата на главниот ревизор за ИПА и на заменикот ќе се утврдува согласно прописите за плати на именувани и избрани лица.

Во функција на вршење на работите и работните задачи определени во законот, средствата за работа на Ревизорското тело ќе се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. 

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари, заменикот на министерот за финансии истакна дека целта на предложениот закон е либерализација на пазарот на финансиски услуги, зголемена конкуренција и поевтинување на услугата.

- Со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон се овозможува исполнување на обврските кои произлегуваат од националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА) а се насочени кон усогласување на националното царинско законодавство со царинското законодавство на Европската Унија, создавање на правна рамка за имплементација на новиот систем за обработка на царински декларации (СОЦД), измени и дополнувања кои се однесуваат на одредбите лице за кое постои поголем ризик, како и измени и дополнувања за работи на застапување во царински постапки.

- За Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за царинската тарифа, г. Рамизи истакна дека со предложената измена на царинската тарифа со која при увоз на употребувани патнички возила се предлага намалување на царинската давачка од постојните 10% на 5%, се врши намалување, односно изедначување на царинската давачка за нови и стари патнички автомобили, што ќе придонесе за намалување на увозните давачки при увоз на употребувани возила, со цел надминување на состојбите поврзани со зголемениот број на возила со странски регистарски таблички,  како и намалување на ќерамички производи кои се користат за лабораториска и техничка употреба, каде царинската давачка од постојните 13% се предлага при увоз на овие стоки да не се плаќа царина.

Исто така со предложените измени и дополнувања на Законот за царинската тарифа се врши воведување на Интегрираната царинска тарифа (Тарим) или како уште се нарекува - техничка тарифа, која претставува алатка со која ќе се олесни и овозможи еднообразна примена на Законот за царинска тарифа, мерките на трговска политика и сите други прописи кои се применуваат при увоз и извоз на стоки поврзани со надворешно-трговското работење.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинска управа, заменик-министерот истакна дека основна цел е да се определат критериуми за именување на директор и заменик-директор на Царинската управа, како и начинот на престанок на нивниот мандат. Со предложените решенија се овозможува избор на професионални лица за вршење на овие функции и поголема совесност и отчетност на именуваните лица.

- Oбразложение по Предлогот на закон за изменување и дополнување на законот за акцизите даде пратеникот Марјанчо Николов. Тој истакна дека целта на Предлогот на законот е да се изменат постојните критериуми за утврдување на висината на акцизите за патничките автомобили. 

Се предлага акциза да не се плаќа за патнички автомобили со зафатнина на цилиндарот што не надминува 2000 см3, за патничките автомобили со зафатнина на цилиндарот над 2000 см3 до 2500 см3 акцизата да изнесува 60.000 денари, за автомобили со зафатнина над 2500 см3 до 3000 см3 акцизата да изнесува 120.000 денари, за автомобили со зафатнина над 3000 см3 акцизата да изнесува 550.000 денари, односно 600.000 денари. 

Предложеното решение значително ќе ги намали цените на патничките автомобили во Република Македонија. 

- По Предлогот на закон за издавање на вредносни бонови- ваучери до определениот рок согласно Деловникот не беа поднесени амандмани.

На крајот од расправата, Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА), Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари, Предлогот  на  закон  за  изменување  и  дополнување  на  Царинскиот закон и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинската тарифа  се прифатливи и може да се дадат на натамошно читање.

По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинската управа со 5 гласа „за“ и 3 „воздржани” и  Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизи со три гласа „за“ и пет „против“,  Комисијата заклучи дека се прифатливи и може да се дадат на натамошно читање.

Во однос на Предлогот на закон за издавање на вредносни бонови- ваучери со 3 гласа „за” и 5 „против”, Комисијата заклучи дека не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за издавање на вредносни бонови-ваучери.

Click