Активности



Понеделник, 8 март 2010 година

Педесет и трета седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Педесет и третата седница, одржана на 4 март 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите (во скратена постапка).

Образложение по поднесениот закон даде министерот за финансии, г. Зоран Ставрески. Тој истакна дека предложените измени произлегуваат од потребата да се најде решение кое е технолошки посоодветно на промените што се случуваат во автомобилската технологија и да се намалат акцизите во целина при фискално неутрални ефекти од понудениот модел. Постојниот модел кој базира на зафатнина на моторот не е соодветен на современите технолошки услови.

Предложениот метод за пресметка на акцизата овозможува да се постигнат повеќе цели: намалување на акцизите во целина, посебно кај поекономичните возила; решавање на проблемот со старите возила кои се возат со странски регистарски таблички; обновување на возниот парк во Република Македонија; ќе се постигнат еколошки ефекти; нема да има негативен фискален ефект.

Кај овој модел основа за пресметување на акцизата е продажната цена на возилото, односно цената на возилото без ДДВ, додека при увоз основа за пресметување на акцизата е царинската вредност утврдена во согласност со царинските прописи зголемена за износот на царината.

Според пресметките на Министерството за финансии, доколку овој модел се примени на структурата на возила што се увезуваа во 2007, 2008 и 2009 година, вкупно прибраните средства по основ на наплатени акцизи би биле речиси непроменети, а можни се и одредени позитивни фискални ефекти кои ќе произлезат од возилата кои се увезени во Република Македонија, односно се возат со странски регистарски таблички.

Со давањето можност да се увезат постари возила за стандардот ЕУРО 1 за шест месеци, а подоцна за стандардот ЕУРО 2, како и со намалување на акцизата и царините, се очекува голем дел од граѓаните кои што возат вакви возила, да ја искористат оваа поволност и да ги регистрираат возилата, а пред тоа да ги платат давачките по пониски цени.

По предлогот на законот амандмани поднесоа пратеничката група на Нова демократија и пратеникот Крсто Мукоски.

Комисијата го разгледа амандманот на член 2 став (2) поднесен од пратеничката група на Нова Демократија. Со два гласа „за”  и шест „против”, Комисијата не го усвои Амандманот.

Комисијата го разгледа амандманот за менување на член 6 поднесен од пратеникот Крсто Мукоски и со седум гласа „за”  го усвои овој Амандман.

Со шест гласа „за” и два „воздржани”, Комисијата  заклучи дека се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите.

Click