Активности



Петок, 16 јули 2010 година

Педесет и четврта седница на Комисијата за европски прашања

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, денеска ја одржа својата Педесет и четврта седница. На седницата беше разгледана Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, ревизија 2010, за периодот 1.4.2010 - 30.6.2010, изготвена од страна на  Секретаријатот за европски прашања, како и Предлог-законот за меѓународна соработка во кривичната материја - прво читање, чиј предлагач е Министерството за правда.

Во врска со првата точка на дневниот ред, свое обраќање имаше вицепремиерот задолжен за европски прашања,  г. Васко Наумовски, кој меѓу другото истакна дека динамиката на усогласување на македонското законодавство со европското бележи континуитет и дека во изминатиот период е постигнат голем напредок во однос на сите поглавја на Националната програма за усогласување на правото на Европската унија.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп-Арсов, го поздрави навременото доставување на Информацијата од страна на Секретаријатот за европски прашања и истакна дека истата е доказ за транспарентното и одговорно работење на Владата на Република Македонија.

Ставот на најголемата опозициона партија, го изнесе пратеникот г. Игор Ивановски, кој истакна дека има забавување на реформскиот процес и дека евроинтегративниот процес на Република Македонија не оди во добра насока.

Во врска со втората точка, заменик-министерот за правда, г. Ибрахим Ибрахими, ја образложи потребата за донесување на Предлог-законот за меѓународна соработка во кривичната материја од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската унија.

Click