Активности

Четврток, 20 мај 2010 година

Шеесет и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Шеесет и втората седница, одржана на 17 мај 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за денационализација (по скратена постапка).

Овој Предлог-закон го поднесоа пратениците: Марија Андоновска, Јован Гинев, Цветко Грозданов, Томе Даневски, Катерина Димеска, Панче Дамески, Оливер Деркоски, Благородна Дулиќ, Веле Ѓорѓиевски, Соња Ѓелова Стојанова, Лилјана Затуроска, Илија Китаноски, Анита Кипаризова Крстеска, Никола Котевски и Цена Матевска.

Воведно образложение по поднесениот закон даде пратеникот Благородна Дулиќ, во својство на претставник на предлагачите на законот. 

Таа истакна дека предложениот закон има за цел да ги отстрани дилемите во однос на примената на одредбите кои ја уредуваат забраната за располагање со имотот кој е предмет на денационализација и времетраењето на таа забрана, како и услови за скратување на постапката за денационализација.

Со додавање на нов став 5 во членот 49 од Законот се допрецизира кога за уважените барања за денационализација ќе се определи надомест, а кога ќе се врши враќање на имотот. 

Со предложените измени се брише правото да се изјави жалба против решението на органот за денационализација, со тоа што се предлага против решението на овој орган да може да се поведе управен спор. 

Со одредбите за менување на членот 64 се врши допрецизирање во однос на забраната за располагање со имотот предмет на денационализација. 

Во претресот учествуваа пратениците Јован Манасијевски, Крсто Мукоски, Марјанчо Николов, Талат Џафери, Флора Кадриу, Миле Андонов, Силвана Бонева, Абедин Зумбери и Цветанка Иванова.

На текстот на Предлогот на законот беа поднесени 11 амандмани, од кои два не беа разгледани, два беа усвоени и седум не беа усвоени.

Комисијата со пет гласа „за“ и три „против“ заклучи дека согласно член 155 од Деловникот на Собранието на Република Македонија се исполнети условите да се подготви Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за денационализација.
Click