Активности



Понеделник, 31 мај 2010 година

Шеесет и трета седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Шеесет и третата седница, одржана на 28 мај 2010 година, како матично работно тело ги разгледа: Предлогот на закон за изменување на Законот за данокот на добивка (прво читање), Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската инвестициона банка по договорот за заем по Проектот „Водоснабдување и одведување отпадни води” (прво читање) и Предлогот на Стратегијата за управување со јавниот долг на Република Македонија за период од 2010 до 2012 година.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување на Законот за данокот на добивка, воведно образложение даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи. 

Тој истакна дека основна цел на предложените измени е да се одбегне повеќекратното оданочување на примените дивиденди од страна на правните лица резиденти на Република Македонија, кои се капитално поврзани меѓу себе. 

Комисијата едногласно  заклучи дека Предлогот  на закон за изменување  на Законот за данокот на добивка е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во образложението по Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската инвестициона банка по договорот за заем по Проектот „Водоснабдување и одведување отпадни води”, г. Рамизи истакна дека основна цел на Проектот е подобрување на условите и  подигнување на квалитетот на животот во руралните краеви на Република Македонија. 

Заемот кај Европската инвестициона банка во износ од 50.000.000 евра ќе се повлекува во 20 транши, а ќе се отплаќа со средства од Буџетот на Република Македонија. Крајни корисници на средствата од заемот ќе бидат општините и општините во градот Скопје, кои средствата ќе ги добиваат како донација.

Комисијата со 7 гласа „за“ и 3 „воздржани“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во врска со Предлогот на Стратегијата за управување со јавниот долг на Република Македонија за период од 2010 до 2012 година, заменик-министерот истакна дека согласно член 7 од Законот за јавен долг, Стратегијата за управување со јавниот долг е акт со којшто за период од 3 години се утврдува нивото на јавниот долг, државниот долг и висината на издадени државни гаранции во однос на БДП и структурата на портфолиото на вкупниот јавен долг. 

Стратегијата за управување со јавниот долг за периодот од 2010-2012 година се состои од:

  • Дел за движењето на макроекономските параметри и фискалните индикатори во Република Македонија,  како и проекциите за движење на јавниот долг во наредните три години;
  • Дел за движењето на таргетите на вкупниот јавен долг на среден рок како и таргетите кои се однесуваат само за 2010 година. Среднорочните таргети се користат за градење на рамка, за движење на јавниот долг за периодот 2010 – 2012 година. 

Во Стратегијата се дефинираат и таргетите кои се однесуваат само за 2010 година, а се разработени и ризиците со кои се соочува портфолиото на јавниот долг на Република Македонија. 

Комисијата со 7 гласа „за“ и 2 „против“ заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и донесе Стратегијата за управување со јавниот долг на Република Македонија за период од 2010 до 2012 година.

Click