Активности



Понеделник, 14 јуни 2010 година

Шеесет и четврта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Шеесет и четвртата седница, одржана на 9 јуни 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (прво читање) и Амандманот на член 2 по Предлогот на закон за изменување на Законот за данокот на добивка поднесен од пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз.            

- Воведно образложение по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека со измените и дополнувањата се предлага промена на рокот во кој даночниот обврзник е должен да поднесе даночна пријава и тоа од 15 дена на 25 дена по истекот на даночниот период. На ваков начин се врши одвојување од датумот кога доспеваат за плаќање и другите даночни обврски, со што ќе им се овозможи на даночните обврзници соодветна релаксација во поглед на обезбедување на финансиските средства наменети за надмирување на обврските по однос на даноци. Ваквата мерка е во насока на олеснување на работата на компаниите и подобрување на ликвидноста во нивното секојдневно работење.

Со измените се предлага пропишување на повисок праг на регистрација и тоа од 1.300.000 на  2.000.000 денари. Со оваа мерка се ослободуваат од обврска за регистрација за цели на данокот на додадена вредност даночните обврзници кои нема да го достигнат прагот од 2.000.000 денари. Со ваквото решение се очекува кај надлежниот даночен орган да се намалат трошоците за администрирање кои се прават за даночните обврзници кои имаат промет под 2.000.000 денари, како и да се намалат трошоците за администрирање кај даночните обврзници кои остваруваат промет под прагот за регистрација, но сепак и понатаму истите ќе имаат право доброволно да се регистрираат за цели на данокот на додадена вредност.

Со измените и дополнувањата се предлага периодичните извештаи од банкарските сметки преку кои даночниот обврзник регистриран за цели на данокот на додадена вредност го остварува своето работење, да ги доставува носителот на платниот промет по електронски пат до надлежниот даночен орган. Периодичните извештаи, носителот на платниот промет ги доставува за период и во рок во кој се поднесува даночната пријава. Со овие измени се очекува на даночните обврзници да им се намалат трошоците за администрирање и да им се елиминира трошокот за добивање на периодичен извештај од банкарските сметки.

Со измените во делот на казнените одредби се врши ублажување на казните за прекршоците пропишани со законот во поглед на висината и распоните на глобите, а истовремено се усогласува Законот за данок на додадена вредност со Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Што се однесува на Амандманот на член 2 по Предлогот на закон за изменување  на Законот за данокот на добивка поднесен од пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз, образложение даде пратеникот Миле Андонов, при што укажа дека истиот се предлага со цел да се одбегне повеќекратното оданочување на дивидендите при преносот од еден на друг правен субјект, како и да се стимулираат даночните обврзници да го реинвестираат профитот во Република Македонија.

Бидејќи добивката искажана во финансиските извештаи за 2009, треба да биде распределена до 30 мај 2010 година, има компании кои согласно законските рокови ја направиле распределбата во капитално поврзани фирми, па поради тоа ваквото законско решение треба да се спроведува од 1 јануари 2009 година. 

Претставникот на Владата не се согласи со поднесениот Амандман.

Со три гласа „за“ и седум „против“, Комисијата не го усвои Амандманот.

Комисијата со седум гласа „за“ и еден „воздржан“ заклучи Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе законот за изменување на Законот за данокот на добивка.

Click