Активности



Среда, 16 јуни 2010 година

Шеесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Шеесет и петата седница, одржана на 16 јуни 2010 година, како матично работно тело го разгледа Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија за 2009 година.      

Воведно образложение по Извештајот даде претседателот на Комисијата, г-ѓа Марина Наќева Кавракова. Таа истакна дека Комисијата за хартии од вредност во 2009 година ги извршуваше своите надлежности насочени кон подобрување на регулаторниот систем; водење на ефикасен, законит и фер пазар на капитал; остварување на заштита на правата на инвеститорите, јакнење на довербата на инвеститорите во институциите на пазарот на капитал; подобрување на правилата за транспарентност во работењето на пазарот; унапредување на капацитетот и ефикасноста во работењето на Комисијата.

Во однос на регулаторната рамка на пазарот за хартии од вредност, во текот на 2009 година значајно е донесувањето на новиот Закон за инвестициски фондови и подзаконските акти кои ги донесе Комисијата заради операционализација на законот.

Во текот на 2009 година, Комисијата за хартии од вредност има одобрено 7 барања за издавање на долгорочни хартии од вредност, сите одобрени како однапред договорен пласман, т.е. приватни понуди.

Во 2009 година во Република Македонија имаат работено 6 друштва за управување со инвестициски фондови кои управувале со вкупно 9 отворени инвестициски фондови.

Исто така Комисијата во текот на 2009 година активно ја има извршувано едукативната функција, при што целна група на Комисијата беа акционерските друштва со посебни обврски за известување кои се водат во Регистарот на Комисијата.

Со цел олеснување на процесот на издавање на хартии од вредност, Комисијата за хартии од вредност во текот на 2009 година во соработка со IFC-Меѓународната финансиска корпорација има издадено Прирачник за издавање на хартии од вредност во кој е објаснет процесот на издавање на хартии од вредност.

Во соработка со УСАИД - Проект за деловно опкружување, Комисијата во текот на 2009 година има издадено Прирачник за преземање на акционерски друштва, со цел да им помогне  на компаниите полесно да ја разберат законската постапка за преземање на акционерско друштво со посебни обврски за известување.

Имајќи ја предвид нагласената важност на мултилатералниот Меморандум за разбирање на IOSCO и соработката со регулаторите на другите држави-членки, Комисијата за хартии од вредност од март 2009 година официјално е на листата Б потписнички на Меморандумот.

Комисијата со пет гласа „за“ и два „воздржани“ заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија да го разгледа и усвои Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија за 2009 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.
Click