Активности

Четврток, 1 јули 2010 година

Шеесет и шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Шеесет и шестата седница, одржана на 21, 22, 23, 25, 28, 29 и 30 јуни 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2010 година.

Воведно образложение по Ребалансот даде министерот за финансии, м-р Зоран Ставрески. Тој нагласи дека  основна причина  поради која се предлага Ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2010 година е прилагодување на јавната потрошувачка поради намалените приходи  во Буџетот во првите месеци од годината. 

Првата основна цел заради која се предлага овој Ребаланс на Буџетот е сочувување на фискалната стабилност како приоритет во услови на пролонгирана криза во Европската унија. Втората цел е да се задржи фискалната стабилност, без зголемување на даноците и без намалување на платите, пензиите и социјалните примања, а трета цел е одржување на социјална стабилност во кризни времиња. 

Министерот за финансии нагласи дека главниот ризик за 2010 година е грчката криза, која всушност прерасна во европска криза. Таа влијаеше негативно врз заздравувањето на европската економија, а со тоа и врз македонската економија. Пакетот на финансиска поддршка и преземените остри мерки за намалување на дефицитите на развиените земји, како и нивниот долг, дава кредибилитет и контрола врз ризиците во преостанатиот  дел од 2010 година. Според тоа, ако нема дополнителни негативни шокови во Европската унија и ако се покаже дека пакетот за финансиска поддршка и преземените мерки за намалување на дефицитите се успешни, нема да има потреба од нов Ребаланс и македонската економија ќе успее да го оствари предвидениот пораст на економската активност од 2%.

Владата на Република Македонија усвои уште десетина други мерки коишто се составен дел на Буџетот и на буџетската политика до крајот на оваа и следната година. Тоа се: намалување на платите на премиерот, министрите, заменици-министри и избрани и именувани државни функционери за 10% во 2010 и во 2011 година; замрзнување на платите во јавниот сектор до септември 2012 година; оптимизација на органите во состав на министерствата, односно агенции, управи, фондови итн.; укинување на дневниците за патување во земјата; намалување на дневниците за патување во странство за 30% во 2010 и во 2011 година при што министрите, замениците на министрите и директорите целосно ќе се откажат од овие дневници; намалување на лимитите за мобилни телефони за 30% во 2010 и во 2011 година и воспоставување на лимити за трошоците за фиксни телефони; јавните претпријатија 80% од добивката ќе ја уплаќаат во Буџетот за 2010 и 2011 година и нема да доделуваат таканаречен К-15 и награди; управните и надзорните одбори ќе ги намалат надоместоците за 30% во овие две години и ќе се намали апанажата.

Комисијата ги разгледа амандманите поднесени од страна на пратениците по Предлогот за изменување и дополнување на   Буџетот на Република Македонија за 2010 година. 

Комисијата со  7 гласа „за“ и 1 „против“ заклучи дека е потребно Владата да подготви Дополнет предлог за изменување и дополнување на  Буџетот на Република Македонија за 2010 година, кој претставува нов интегрален текст во кој ќе ги вгради амандманите со кој се согласил претставникот на Владата на седницата на Комисијата.

Во рамките на 66. седница, на 30 јуни, Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2010 година (по скратена постапка).

Со оглед на тоа што по овој Предлог на закон не беа поднесени амандмани, Комисијата со 7 гласа „за“ и 1 глас „воздржан“ заклучи да му предложи на Собранието да го разгледа и да го донесе законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2010 година.
Click