Активности

Четврток, 8 јули 2010 година

Шеесет и осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на 7 јули 2010 година ја одржа својата Шеесет и осма седница.

- Како матично работно тело, Комисијата го разгледа Предлогот на закон за дополнување на Законот за буџетите (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи. Тој истакна дека причините поради кои се предлага донесувањето на овој закон се поврзани со актуелните економски движења, со цел да се овозможи на буџетските корисници да извршат промена во динамиката на реализација на обврските по склучени договори, само под услов на обезбедена согласност од другата договорна страна и обезбедена согласност од Владата на Република Македонија.

Со оглед на тоа што по овој Предлог на закон во деловничкиот рок не беа поднесени амандмани, не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон.

Комисијата со седум гласа ‘’за’’ и еден глас ‘’против’’ заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе законот за дополнување на Законот за буџетите.

- Комисијата, како матично работно тело, го разгледа и Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за дополнителното финансирање на Проектот за катастар на недвижности и регистрација (во прво читање).

Во воведното образложение заменик-министерот за финансии истакна дека овој проект се состои од неколку компоненти: завршување на катастарот на недвижности и на запишувањето на правата; институционален развој и подобрување на извршувањето на услугите; развој на земјишни политики; управување со проектот; дигитална катастарска карта и веб-ГИС и поддршка за Управата за имотно-правни односи. 

Целта на овој заем е да се создаде ефикасен и ефективен систем за катастар на недвижности, придонесувајќи кон развојот на ефикасни пазари на земјиште и недвижности. Заемот ќе биде доделен под следните услови: рок на отплата 25 години со вклучен грејс период од 8 години и каматна стапка од шестмесен ЛИБОР и варијабилен распон.

Комисијата со седум гласа „за“ и еден „воздржан“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- На истата седница, Комисијата како матично работно тело го разгледа уште Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, по скратена постапка.

Заменик-министерот за финансии во воведното образложение истакна дека предложените измени и дополнувања се однесуваат на потребата од промена на динамиката на реализација на веќе склучените договори кои се финансираат со програми од развојниот дел на Буџетот.

Со предложените одредби се овозможува договорните органи да ги изменат условите на испорака и реализација на договорите во согласност со носителот на набавката како друга договорна страна, за да може истите да се прилагодат на моменталните услови, кои не можеле да се предвидат во моментот на дефинирање на првичните услови на постапката.

Исто така, се воведува одредба која се однесува на потребата од промена на динамиката на реализација на едногодишните договори за јавни набавки кои не се опфатени претходно, а која потреба се јавува како резултат на намалување на предвидените средства со Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија. Оваа одредба е од времен карактер и ќе се применува до крајот на 2011 година, а Владата на Република Македонија ќе издава претходна согласност.

Со предложените измени и дополнувања се проширува и основот согласно со кој економскиот оператор може да биде исклучен од постапките за доделување на договори за јавна набавка. Со ова се врши усогласување на Законот за јавните набавки со Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во кој се воведени нови видови споредни казни кои се однесуваат на областа на јавните набавки. Исто така, се воведуваат два нови документи со кои се докажува дека на економскиот оператор не му е изречена привремена или трајна забрана за вршење на одредена дејност, кои ќе се издаваат од соодветниот регистар кој се води во Централниот регистар.

Измени и дополнувања се предложени и во насока на зголемување на ефикасноста и ефективноста на постапките и нивно забрзување преку воведување на можност јавното отворање на понудите да се спроведе и кога како начин за доделување на договорот се користи електронската аукција, како и обврската договорниот орган да донесе одлука за избор или поништување на постапката во определен рок.

Со предложените измени и дополнувања се предлагаат и одредени мерки за зголемување на користењето на електронските аукции во постапките за доделување на договори за јавни набавки.

Комисијата со 8 гласа „за“  и 1 „против“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки.
Click