Активности

Вторник, 13 јули 2010 година

Шеесет и деветта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, денеска, на својата Шеесет и деветта седница, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување на Законот за данокот на додадена вредност (по скратена постапка).

Воведно образложение по предложениот закон даде повереникот на Владата, г. Борче Смилевски. Тој истакна дека со измените се предлага продолжување на примената на повластена даночна стапка од 5% за прометот и увозот на земјоделска механизација до пристапување на Република Македонија во членство на Европската унија. 

Ваквата мерка е во функција на поттикнување на развојот на земјоделството, со цел да се стимулира набавката на земјоделска механизација која ќе придонесе за поголема продуктивност во земјоделието. Ова особено е значајно за индивидуалните земјоделски производители кои не се регистрирани субјекти за целите на данокот на додадена вредност и кои немаат право на одбивка на претходно платен ДДВ. 

Од наведените причини, а заради континуитет на примената на повластената даночна стапка од 5% за прометот и увозот на земјоделска механизација, се предлага овој закон да се применува од 1 јули 2010 година.  

Комисијата едногласно заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе законот за изменување на Законот за данокот на додадена вредност.
Click