Активности



Петок, 23 јули 2010 година

Седумдесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на 22 јули 2010 година ја одржа својата Седумдесетта седница.

- Како матично работно тело, Комисијата го разгледа Предлогот на закон за регулирање на обврските на Република Македонија кон Меѓународниот монетарен фонд по основ на користење на средствата од општата и специјалната нето комулативна алокација на специјални права на влечење одобрени со Резолуција на Oдборот на гувернери на меѓународниот монетарен фонд бр.64-3 и бр.52-4 (прво читање).
 
Воведно образложение по поднесениот закон даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи, кој истакна дека со Резолуција бр.64-3, Одборот на гувернери на Меѓународниот монетарен фонд на 7 Август 2009 година ја одобри општата нето кумулативна алокација на Специјални права на влечење во износ од 250 милијарди долари, со цел да се обезбеди поголема ликвидност во глобалниот економски систем преку поддршка на девизните резерви на земјите членки на ММФ.

Општата нето кумулативна алокација беше извршена на 28 Август 2009 година, и од истата на Република Македонија ѝ припаднаа средства во вкупен износ од 51.076.245 СПВ или 76.930.000 американски долари.

Одобрувањето на оваа мерка, која е значајна за зголемување на глобалната ликвидност, ќе ги зголеми девизните резерви на земјите-членки на ММФ и ќе послужи првенствено како дополнителен обрач на ликвидносните шокови.

Оваа мерка несомнено ќе допринесе и до зголемување на капацитетот на земјите членки за справување со потенцијалните платно-билансни проблеми. Истовремено, со одобрувањето на оваа алокација во сила влезе и четвртата измена на Статутот на ММФ, која обезбедува еднократна алокација на СПВ  согласно Резолуција бр. 52-4 од 23 септември 1997 година. Од вкупниот износ на оваа алокација, кој изнесува 21,5 милијарди СПВ, на Република Македонија ѝ припаѓаат средства во износ од 6.161.937 СПВ или 9.280.000 американски долари.

Целта на овој Предлог на закон е да овозможи повлекување на овие средства кои би се користеле за финансирање на буџетски расходи и долгот на Република Македонија.

Комисијата со 7 гласа „за“, 2 „против“ и 1 „воздржан“, заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Комисијата како матично работно тело го разгледа и Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем наменет за финансирање на проектот „Рехабилитација на шест хидроенергетски централи“, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова-КфВ и АД ЕЛЕМ (во прво читање).

Во воведното образложение по поднесениот Предлог на закон, заменик-министерот за финансии истакна дека во периодот 1999-2004 година е реализирана првата фаза од проектот „Рехабилитација на хидроенергетски централи“ во Република Македонија со заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светската банка.

Со проектот опфатени се активности поврзани со рехабилитација/замена на електричната и хидро-механичката опрема, како и некои неопходни градежни работи на хидроенергетските централи: ХЕЦ Глобочица, ХЕЦ Тиквеш, ХЕЦ Вруток, ХЕЦ Равен, ХЕЦ Врбен и ХЕЦ Шпиље. Финансиската конструкција за реализација на овој проект предвидува средства во износ од 31.887.000 евра од два извори: заем од СР Германија во износ од 27.100.000 евра и АД ЕЛЕМ ќе обезбеди средства во износ од 4.787.000 евра.

Со средствата кои ги обезбедува АД ЕЛЕМ ќе се финансираат следните градежни работи: рехабилитација на каналот на Горна Радика; рехабилитација на тунелот Тољане; рехабилитација на доводниот канал Шарски води и зголемување на брегот на браната Леуново.

Согласно Протоколот од разговорите за развојно-политичка соработка меѓу Владата на Република Македонија и Владата на СР Германија, потпишан на 14 октомври 2009 година во Скопје, Владата на СР Германија за реализација на проекти во рамките на тежиштето „Енергетска ефикасност и обновливи енергии“ има обезбедено 60.000.000 евра. Дел од овие средства, во износ од 27,1 милион евра, е наменет за овој проект. За намената на останатиот дел од средствата, дополнително ќе биде предложен посебен закон за задолжување/ гаранција до Собранието.

Комисијата со 8 гласа „за“ и 2 „воздржан“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Како матично работно тело, Комисијата го разгледа уште Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за правното наследство на Република Македонија на членството во  Меѓународниот монетарен фонд (во прво читање).
                       
Господин Рамизи во воведното образложение истакна дека целта на предложените измени е да се овозможи правно регулирање на четвртата измена на Статутот на ММФ во правниот систем на Република Македонија.

Одборот на гувернери на Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ) на 7 Август 2009 година со Резолуција бр.64-3 ја има одобрено општата алокација на Специјални права на влечење (СПВ) во износ од 250 милијарди долари, со цел да се обезбеди поголема ликвидност во глобалниот економски систем преку поддршка на девизните резерви на земјите членки на ММФ. Општата алокација беше извршена на 28 Август 2009 година, и од истата на Република Македонија и припаднаа  средства во вкупен износ од 51.076.245 СПВ.

Истовремено, со одобрувањето на оваа алокација во сила е влезена и четвртата измена на Статутот на ММФ, којa обезбедува еднократна (специјална) алокација на СПВ согласно Резолуција бр. 52-4 од 23 септември 1997 година, која стапила на сила на 10 август 2009 година. Од вкупниот износ на оваа алокација кој изнесува 21.5 милијарди СПВ, на Република Македонија и припаѓаат средства во износ од 6.161.937 СПВ.

Со оваа измена преку специјалната распределба на СПВ им се овозможува на сите земји-членки на ММФ да учествуваат во системот на СПВ на правична основа, особено имајќи го предвид фактот дека земјите кои се приклучија кон Фондот по 1981 година, кои всушност претставуваат повеќе од една петтина од сегашното членство на ММФ немаа добиено распределба на СПВ. Исто така, оваа распределба двојно ќе ја зголеми вкупната распределба на СПВ и тоа на 42.8 милијарди СПВ, или околу 64 милијарди УСД.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за правното наследство на Република Македонија на членството во  Меѓународниот монетарен фонд е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click