Активности



Петок, 27 август 2010 година

Седумдесет и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Седумдесет и втората седница, одржана на 24 и 25 август 2010 година, како матично работно тело ги разгледа Предлогот на Завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2009 година и Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2009 година.

Воведно образложение по Завршната сметка на Буџетот даде министерот за финансии, г. Зоран Ставрески. Тој истакна дека Завршната сметка на Буџетот за 2009 година е изготвена согласно Законот за буџетите. Таа го рефлектира степенот на реализаација на вкупните јавни приходи и расходи, односно дава приказ за управување со јавните финансии. Реализацијата на Буџетот во 2009 година се одвиваше во специфични услови, односно во услови на светска економска криза. Ефектите од светската рецесија се одразија врз перформансите на македонската економија. Во вакви услови македонската економија во 2009 година оствари негативен раст, односно 0,5% што е факт дека македонската економија добро се справи со светската криза. Причина за тоа е што македонската економија влезе во економската криза по две години на исклучително интензивен економски раст, со што се подобри целокупниот економски амбиент за работа на македонските компании. Намалувањето на извозот и увозот влијаеше на намалување на трговскиот дефицит и намалување на тековната сметка на платниот биланс за 6 процентни поени. Споредено со останатите земји, податоците покажуваат дека успешно е справувањето со економската криза што придонесе Република Македонија да забележи трет најмал пад на економската активност во Европа во 2009 година. Во социјалниот сектор, кризата не остави длабоки последици. Стапката на невработеност остана на приближно исто ниво од она пред кризата, иако високата стапка на невработеност останува еден од клучните проблеми на македонската економија.

Вкупните приходи во 2009 година достигнаа 128.498.000.000 денари, а расходите се реализирани во износ од 139.393.000.000 денари. Дефицитот на Буџетот на Република Македонија изнесуваше 10.895.000.000 денари, односно 2,7% од БДП. На тој начин, Владата успеа да го реализира планираниот буџетски дефицит, со што се постигна една од клучните цели, а тоа е задржување на фискалната стабилност.

Исто така, се оствари уште една цел на фискалната политика, а тоа е остварување на повисоко ниво на капитални инвестиции преку буџетскиот дефицит. Финансирањето на дефицитот се оствари преку два извори и тоа: надворешно задолжување, каде доминираа кредитот од Светската банка за буџетска поддршка и еврообврзницата и преку внатрешното задолжување, односно државните хартии од вредност. Даночните приходи се реализирани во износ од 71.023.000.000 денари, односно 97% од планираното. Планот на приходите од придонеси беше речиси целосно реализиран со износ од 38.837.000.000 денари. Придонесите бележат раст од 2% во однос на 2008 година како резултат на интегрираната наплата на придонеси и персонален данок, хармонизација на основиците и воведувањето на концептот на бруто плата. Расходите се реализираа 93% во однос на планираното. Расходите за стоки и услуги беа реализирани 85% во однос на планираното, што е показател за штедењето на Владата кај непродуктивните трошоци. Капиталните расходи беа реализирани 70%.

Со шест гласа „за“ и еден „против“, Комисијата заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и донесе Завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2009 година.

На седницата на Комисијата присуствуваше главниот државен ревизор, г-ѓа Тања Таневска, која даде воведно образложение по Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2009 година. Таа истакна дека управувањето со јавните институции мора да биде водено од желбата за регуларност и чесност. Институциите мора да продолжат да даваат свој придонес за остварување на овие цели. Државниот завод за ревизија не само што треба да ги открие неправилностите во работењето, туку и да даде поддршка за унапредувањето на управувањето со јавните средства. Корисен индикатор за резултатите од активностите е  бројот на дадените препораки и нивното следење со цел да се утврди постапувањето по препораките. 

Во 2009 година извршена е 91 ревизија, или за 8,3% повеќе од 2008 година, опфатени се 178 милијарди денари јавни приходи односно 45 милијарди повеќе од минатата година и 121 милијарда денари јавни расходи, односно 36 милијарди денари повеќе од 2008 година. Од извршените ревизии, 77 се финансиски, 10 тематски, 1 ревизија на спроведување препораки и 3 ревизии на успешност. Воведена е и пракса на тековна проверка на степенот на спроведување на препораките од ревизорските извештаи и тоа кај 37 субјекти. Од вкупниот број дадени препораки, 46%  е целосно спроведени, 34% делумно се спроведени или се во тек, а 14% се во надлежност на други субјекти. Само за 5% од препораките субјектите не се изјасниле, а 1% од препораките не се спроведени. Направената анализа за изминатите пет години покажува тренд на зголемување на позитивните мислења за финансиските извештаи и тоа од 21% во 2004 година на 48% во 2008 година. Негативните мислења опаѓаат и тоа од 42% во 2004 на 32% во 2008 година, а постои и благо опаѓање на воздржувањата од давање мислење и мислењето со резерва. Кај ревизорските мислења за усогласеност со законите и прописите, исто така постои тренд на зголемување на позитивните мислења од 27% во 2004 година на 37% во 2008 година и пад на негативните мислења од 40% во 2004 на 31% во 2008 година.

Во насока на зголемување на бројот на ревизиите на успешност,  а и поради усогласување со новиот Закон за државна ревизија и Законот за државни службеници, во процедура се нови акти за организација и систематизација со кои е регулирано, сите сектори за ревизија да вршат и финансиска ревизија и ревизија на успешност. Притоа ќе се опфатат теми каде што се лоцирани актуелни хронични слабости на државните програми и ќе се изберат субјекти кај кои постои најголема можност ревизиите да поттикнат позитивни промени.

Во Годишниот извештај даден е посебен осврт на правилната примена на постапките за јавни набавки. Утврдените неправилности по овој основ учествуваат со 12% во вкупниот број на констатирани неправилности, што е за 1% помалку во однос на минатата година. Најголем дел од неправилностите се однесуваат на  неспроведени постапки, неправилности во фазата на евалуацијата на понудите, како и во реализацијата на договорите. Во Годишниот извештај се дадени информации за утврдените состојби по области, во зависност од финансиската и функционалната класификација на субјектот.

Врз основа на расправата, Комисијата со шест гласа „за“ и еден „против“, заклучи да му предложи на Собранието да ги усвои следните заклучоци:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и го усвои Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2009 година;
  2. Собранието на Република Македонија оцени дека Државниот завод за ревизија и во 2009 година даде придонес во јакнењето на финансиската дисциплина и отчетноста во јавниот сектор;
  3. Собранието на Република Македонија дава целосна поддршка на Државниот завод за ревизија за интензивирање на активностите и имплементирање на решенијата содржани во новиот Закон за државната ревизија и во активностите, во наредните измени и дополнувања на Уставот на Република Македонија да се вклучи и уставен амандман, со кој ќе се дефинира улогата и функцијата на Државниот завод за ревизија и ќе се обезбеди зајакнување на неговата независност и самостојност;
  4. Собранието на Република Македонија дава поддршка на Владата на Република Македонија да продолжи со отпочнатите активности за следење на преземените мерки по дадените препораки во ревизорските извештаи за државните органи, субјектите од јавниот сектор и надлежните органи за надзор;
  5. Собранието на Република Македонија оценува дека Владата на Република Македонија и надлежните органи треба да продолжат со активностите за создавање сеопфатен, функционален информатички и информационен систем за евидентирање и ефикасно следење на прибирањето на вкупните приходи и приливи (даноци, царини, концесии, закупнини, продажба на движни и недвижни предмети, запленета стока и друго) на Централниот буџет на Република Македонија;
  6. Собранието на Република Македонија оценува дека Владата на Република Македонија, Министерството за финансии, надлежните органи и органите на фондовите на ниво на Република Македонија, во соработка со Агенцијата за катастар на недвижности треба да продолжат со актиностите за целосно евидентирање на недвижниот имот со кој располагаат државните органи.
    Собранието на Република Македонија укажува дека Агенцијата за катастар на недвижности треба да ги интензивира активностите за целосно евидентирање на имотот со кој располагаат општините;
  7. Собранието на Република Македонија оценува дека е потребно Комисијата за финансирање и буџет или работна група во рамките на Комисијата за финансирање и буџет или посебна комисија за разгледување на ревизорските извештаи, тековно да ги разгледува и ревизорските извештаи за субјектите на ревизија во кои се утврдени неправилности и да предлага мерки и актиности во вид на заклучоци и препораки до надлежните тела за спроведување на препораките дадени во ревизорските извештаи;
  8. Овие заклучоци заедно со извештајот на Комисијата за финасирање и буџет да се достават до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизијa.
Click